Од партијата велат дека има повеќе фактори кои долго време укажуваат дека Владата не може да излезе на меѓународниот пазар на капитал, кои ги сумираат во пет точки
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се сомнева дека земјава може да издаде издаде еврообврзница. Од партијата велат дека има повеќе фактори кои долго време укажуваат дека Владата не може да излезе на меѓународниот пазар на капитал и да издаде еврообврзница.
Овие фактори од ВМРО-ДПМНЕ, во соопштението до јавноста, ги сумираат во пет точки.

„Прво, заемот за претпазливост и ликвидност од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) покрај тоа што требаше да ни обезбеди ликвидност за финансирање на буџетот, требаше да биде котва на сигурност пред меѓународните инвеститори. Но, наспроти ветувањата за лесна достапност на средствата ММФ со поволна каматна стапка од 1 отсто, некредибилните политики од претходниот период на ковид кризата и нереално планираната фискална стратегија на среден рок го одложија заемот од ММФ. Што треба да се смени за да го добиеме, останува да видиме“,
велат од партијата.
Второ, потенцираат оттаму, наместо навремено обезбедување на средства за справување со енергетската криза преку издавање на еврообврзница на долг рок, „Владата крпи и се задолжува на краток рок кај комерцијални кредитори“. Потврда за тоа, според опозициската партија, е „краткорочниот заем од 50 милиони евра од Шпаркасе банка со каматна стапка утврдена како Еурибор (кој рок не кажаа, ама е во секој случај е варијабилен дел од каматата) и маргина од 1,15 отсто“.
„Трето, последната одлуката на Владата да се задолжи на германскиот пазар на хартии од вредност со 250 милиони евра преку ‘Namensschuldverschreibungen’ или т.н. регистрирана обврзница којашто ја издава Дојче банк преку еден вид на директна спогодба со потенцијални инвеститори потврдува дека Македонија не може сама да гарантира за својот долг. Затоа ни треба квалитетот и репутацијата на Дојче банк. Четврто, оправдувањето дека каматната стапка на најновото задолжување е тековно најповолна не држи. Каматната стапка изнесува 3,75 отсто плус шест месечен Еурибор, којшто тековно е околу 1,85 отсто и е варијабилен, а во иднина уште повеќе ќе расте. Тоа значи дека за рок од 4 години и шест месеци (рокот на отплата од 3 години и 18 месечен грејс период) имаме тековно камата од 5,6 отсто со веројатност да биде уште повисока. Доколку издадевме еврообврзница индикативната камата според министерството на финансии ќе беше околу 8 отсто, но рокот на којшто се базира оваа оценка е за еврообврзница со рок на доспевање повеќе од седум или повеќе години“,
стои во соопштението.
Оправдувањето дека каматните стапки за издавање на еврообврзница сега се високи и дека во иднина се чекаат поповолни услови за опозицијата нема никаква рационална подлога и го наведуваат како петтиот фактор што укажува дека Владата не може да издаде еврообврзница.
„Затегaњето на монетарната политика од страна на глобалните централни банки и напуштањето на квантитативното олеснување во услови на зголемен потреба за финансирање на енергетската криза во Европа само ќе значи помала ликвидност на меѓународните финансиски пазари и зголемени трошоци за задолжување во иднина. Колку повеќе чекаме, толку поскапо нѐ чини. Прво, зошто немањето пари не остави без мерки, а отсуството на мерки направи големи штети и висок ризик за прелевање на енергетската криза од еден во друг сектор на економијата. Од енергетска криза влегуваме во финансиска криза. Второ, кога надворешно пазарно ќе се задолжиме, цената ќе биде повисока отколку пред шест месеци“,
оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ.