Спасовски пред новинарите ја покажа потврдата од турските власти дека е уапсен првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓоревска и Панче Жежовски, како и фотографии од Палевски направени по неговото апсење во Турција. Министерот за внатрешни работи ја објасни, односно направи реконструкцијата на траекторијата на движење на Палевски по напуштањето на С Македонија
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва на вонредната прес-конференција и официјално го потврди апсењето во Турција на Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничениот за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски.
Палевски, како што информираше министерот бил уапсен од турската полиција додека пеш се движел по еден од автопатите кај градот Баликесир.
„Колегите од пријателска Турција не известија дека креаторот, планерот, координаторот и деректниот извршител на овие кривични дела е фатен и лишен од слобода на нивна територија, идентично на нашите оперативни сознанија во врска со патеката на движењето на осомничениот. Тоа беше и последната алка од овој грозоморен чин која ни недостасуваше за да кажеме дека сме завршиле се што е во надлежност на Министерството за внатрешни работи, да ги разобличиме овие монструми, сторители на ова свирепо двојно убиство“,
изјави министерот.
Спасовски пред новинарите ја покажа потврдата од турските власти дека е уапсено лицето кое се бара по потерница од македонската полиција, распишана преку Интерпол.
Покрај потврдата, тој покажа и фотографии од Палевски направени по неговото апсење.
Одговарајќи на новинарски прашања, министерот ја објасни, односно даде реконструкцијата на траекторијата на движење на провосомничениот за грозоморните убиства по напуштањето на С Македонија.
Првата дестинација на Палевски по напуштањето на земјава на 30 ноември е главниот град на соседна Србија Белград. До таму го вози неговиот адвокат, на кого Палевски му рекол дека му треба превоз оти нема автомобил, а треба да оди на лекарски преглед.
„Вчера информиравме на прес-конференцијата дека лице од Скопје, од негов адвокат со возило негово „шкода суперб“ е донесен во Србија. Понатаму таму е оставен во еден хотел. Од таму наредниот ден го превзема друго лице од Скопје со џип „рејнџ ровер“ и преку граничниот премин ‘Градина’ влегува во Бугарија. Има транспрот низ територијата на Бугарија и влегува во Турција“,
рече Спасовски.
Во Турција нашите служби од Секторот за меѓународна полициска соработка стапуваат во контакт директно со властите и со полицијата.
Но, не само со нив, рече Спасовски, туку и со оперативен извор која за многу кратко време испратил повратна информација дека Палевски се наоѓа во Баликесир и за неговите намери што понатаму.
„Дека од тука практично сака да замине во Истанбул. Таму останува практично во Баликесир, се подготвува и најмува такси возач за да оди во Истанбул“,
рече Спасовски.
Но, како што објасни тој, одењето на Палевски за Истанбул било симулација од негова страна.
„Тука е практично симулирањето негово дека ќе оди и повторно се враќа назад во градот (Баликесир) и денеска попладнево подоцна од страна на колегите од турската полиција е уапсен, додека се движел пеш по еден од автопатите, меѓутоа во Баликесир“,
наведе министерот за внатрешни работи.
Прашан дали лицето кое го возело преку Бугарија знаело за вмешаноста на Палевски во убиствата, кое е приведено и за кое Обвинителството бара притвор, Спасовски не сакаше да сподели повеќе детали, освен дека сè уште се работи со него.
„Ние лицето го приведовме на граница на влез во државата. Се работеше со него, побарана е мерка притвор од 48 часа и сè уште се работи со него, така што тие детали не можеме да ги споделиме во овој момент во јавноста“,
кажа министерот, кој истакна оти очекува екстрадицијата да оди брзо.
На прашањето дали 14-годишната Вања била задушена или починала од прострелна рана, Спасовски рече дека се работи за прострелна рана.
„Точниот наод на обдукцијата ќе покаже, меѓутоа прострелна рана е во прашање“,
кажа министерот.
За тоа дали е најден пиштолот со кој е пукано, министерот за внатрешни работи рече дека се најдени два пиштола во Скопје кои треба да се вештачат за да се утврди дали е тоа оружјето со кое е убиено девојчето.
Тој потврди и дека полицијата го има пронајдено мобилниот телефон на Вања.