„360 степени“ го праша националниот координатор за „Отворен Балкан“, Марјан Забрчанец, дали смета дека иницијативата е „мртва“, со оглед дека албанскиот премиер Еди Рама неодамна изјави дека треба да се стави фокус на Берлинскиот процес
Побаравме коментар и за зачестените изјави на челниците на опозициските партии на Албанците во земјава, кои отворено се противат на „Отворен Балкан“, а сличен став има и претседателот Стево Пендаровски

Националниот координатор за Отворен Балкан и за регионални инцијативи, Марјан Забрчанец смета дека „Отворен Балкан“ е иницијатива која сè уште дава резултати и затоа не може да биде ниту завршена, ниту мртва.
За „360 степени“ вели дека оваа иницијатива ужива огромна поддршка од населението на Северна Македонија, Албанија и Србија.
„Резултатите се видливи и препознаени и од компаниите и од граѓаните. На граничните премини функционираат зелени ленти за брз проток на транспортните камиони од трите земји, во функција е и заедничкиот систем за електронска наплата на патарини без застанување, се реализираа повеќе соработки во областа на туризмот и културата, а следува и отстранување на работните дозволи меѓу државите членки. Отворен Балкан има активни проекти и најавува нови економски мерки за граѓаните. Отворен Балкан има активна покана за приклучување на другите земји од регионот, а Црна Гора веќе активно и јавно изразува интерес и поддршка. Иницијатива со вакви резултати и проекти не може да биде ниту завршена, ниту мртва“,
вели тој.
Забрчанец се повикува на заедничката прес-конференција во Скопје на премиерот Димитар Ковачевски со албанскиот колега Еди Рама, на која, како што смета тој, се потврдило дека „Отворен Балкан“ не е завршена приказна.
„Дополнително, премиерот Рама изјави и дека Отворениот Балкан му донесе само добри работи на регионот, а премиерот на Косово Албин Курти згрешил што не учествувал во таа иницијатива“,
вели Забрчанец.
Националниот координатор смета дека поддршката за „Отворен Балкан“ оди рака под рака со поддршка за Берлинскиот процес и генерално за европската интеграција на регионот, бидејќи, како што посочува, покрај основната економска цел оваа иницијатива е и за да го забрза членството на секоја од шесте држави од Западен Балкан во Европската Унија.
Она што Забрчанец избегна да го одговори дирекно се зачестените изјави на челниците на опозициските партии на Албанците во земјава, кои отворено се противат на „Отворен Балкан“, а сличен став има и претседателот Стево Пендаровски.
„Отворен Балкан треба да биде поддржан од сите политички чинители бидејќи тоа значи поддршка за европската интеграција на земјава, за регионалната соработка, за економската мобилност и слобода, за поголема трговска размена и против брз проток на граѓаните, производите и услугите. Да сте за Отворен Балкан е застанување на страната на народот – 80% од граѓаните ја поддржуваат оваа иницијатива“,
оценува Забрчанец.
Што кажа Рама во Скопје?
Премиерите Рама и Ковачевски на заедничката прес-конференција на 6 јули во Скопје, се соочија со серија новинарски прашања, како резултат на конфликтот и недоразбирањата меѓу Еди Рама и Албин Курти околу оваа регионалната иницијатива.
Рама кажа дека не се „пишмани“ за „Отворен Балкан“, но и дека е фокусиран на Берлинскиот процес.
„Илјада пати да се вратам назад, илјада пати ќе го основав Отворен Балкан. Не е иницијатива која исклучува, Отворен Балкан е една од 72 иницијативи во овој регион, за кои вие воопшто не сте слушнале. Какво лошо има од Отворен Балкан нашиот регион, освен придобивките? Видете ги придобивките, видете ги трговските придобивки. Тоа што е направено, не може да се поништи. Тоа што е направено – служеше. Берлинскиот процес е чадор во кој сакам да се фокусирам 100%, бидејќи Албанија ќе го организира и има придобиено од Отворен Балкан. Воопшто не ми е јасно како се уште има сомнежи за ова кога фактите се јасни“,
потенцира Рама.
Но, Рама истотака посочи дека сака инцијативата да ја остави на страна. Тој доби новинарско прашање дали „Отворен Балкан“ ќе продолжи со нов пристап, имајќи предвид дека европските дипломати го преземаат Берлинскиот процес и дали се очекува премиерот на Црна Гора, Абазовиќ да се приклучи на иницијатива.
„Во однос на нашата комуникација со Брисел, посакувам ‘Отворен Балкан’ да го оставиме на страна. Толку имам да кажам и не сакам никому да дадам никаква можност да продолжи да говори за конспирации, за заговори, за паралелизми, за алтернативи или не знам што друго. Ова нешто е сосема јасно и немам друг коментар, за мене ‘Отворен Балкан’ беше во полза на овој регион“,
кажа Рама.
Различните гледишта на Рама и Курти кон иницијативата продуцира раскол и во албанскиот политички кампус во земјава.
Речиси сите медиуми на албански јазик во земјава подолго време ги пренесуваат ставовите на челниците на опозициските Беса, Алтернатива, групацијата околу Изет Меџити и владината Алијанса за Албанците кои иницираат преиспитување на членството на С Македонија во Отворен Балкан.
Претседателот на државата Стево Пендаровски, пак, иако ги оцени како корисни, го повика Брисел да направи „приоритизација“ меѓу двете економски иницијативи во регионот – Отворен Балкан и Берлинскиот процес, бидејќи во спротивно компетицијата меѓу двете може да предизвика поделби во регионот.
Поделбата, како што посочи Пендаровски, доаѓа од фактот што во Отворен Балкан учествуваат само три од шесте држави од регионот на Западен Балкан.
Пендаровски е на став дека ако одговорните и надлежните во Брисел не го направат тоа, ние на Балканот никогаш нема да го направиме.
Уште пред две години, тој во официјална посета на Косово кажа дека оваа иницијатива е фалична, при што дојде до вербален судир со тогашниот премиер Зоран Заев.
Заев, како еден од основачите на оваа иницијатива, заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, тогаш изрази изненадување од ставот на Пендаровски.
Изминатиов викенд пак, Пендаровски од Пустец кажа дека Берлинскиот процес има неспорни структурни предности во однос на „Отворен Балкан“, главно е тоа што сите шест западнобалкански држави се членки на Берлинскиот процес, а само три се досега во Отворен Балкан и тоа е голем недостаток на иницијативата.
Сепак, Пендаровски шефот на државата изрази надеж дека „Отворен Балкан“ во одреден формат ќе продолжи да постои.