Ние не препорачуваме да се прими ревакцина од „Астра Зенека“ кај сите кои се на возраст под 60 години, потсетува министерот за здравство
Граѓаните кои примија прва доза од вакцината „Астра Зенека“, а сакаат да се ревакцинираат со истата, тоа може да го сторат во соседна Србија. Министерството за здравство останува на препораката да не се прима ревакцинација од „Астра Зенека“ кај лица помлади од 60 години.
„Оние кои сметаат и имаат волја да ја примат втората доза на вакцината на „Астра Зенека“ тоа може да го сторат во соседна Србија. Ние не препорачуваме ревакцина од „Астра Зенека“ кај сите кои се на возраст под 60 години“,
изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче, во гостувањето во вестите на Сител.
Тој посочи дека, сепак, има мала бројка на тромботични ситуации кои се посебно предизвикани кај помлади луѓе и затоа треба да се биде внимателен.
„Ние засега нема да ја даваме вакцината на ‘Астра Зенека’ кај помлади од 60 години, затоа што се уште нема јасна препорака, иако има некои најави, дали лицата кои се помлади од 60 години, а примиле прва доза од ‘Астра Зенека’ треба да примат друга вакцина. Од препораките што ќе произлезат од националните агенции на некои европски држави или од Европската агенција за лекови, ќе зависат и нашите препораки“,
рече Филипче.
Појасни дека тромботичните реакции се јавуваат отприлика 14 дена по примањето на првата доза од вакцината.