Пријавени се и седум случаи во кои се инволвирани полициски службеници. За два случаи е утврдено дека пријавите се основани, односно дека полициски службеници вршеле агитирање при вршење службени дејствија
Изборниот ден помина во мирна и фер атмосфера, како што ѝ доликува на секоја демократска земја. Тоа е оцената за гласањето на денешните локални избори на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во неговото прво обраќање по затворањето на избирачките места.

Првиот човек на полицијата објасни дека до овој момент (17 октомври 2021 г., 20 часот) нема регистрирани посериозни инциденти и дека бројот на пријави е значително помал од претходните избори.
„До 19 часот се бележи вкупно намалување на бројот на пријавени настани и тоа за 40 отсто во споредба со изборите во јули 2020 година. Така, годинава се пријавени 91 настан, за разлика од претходните избори кога беа пријавени 151 настан“,
изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Најголем дел од пријавите, објасни Спасовски, се за агитирање (42). Од нив, седум се веќе отфрлени, а по преостанатите се постапува. Потоа, евидентирани се 13 пријави за изборен поткуп од кои пет се отфрлени како неосновани. Останатите се за упатување закани, вознемирување на гласачи, фотографирање на гласачко ливче итн.
Најголемиот дел од пријавените настани се од подрачјето на СВР Скопје (22), по што следува СВР Штип (19) и СВР Куманово (16).
Меѓу пријавените случаи, седум се за полициски службеници.
„Од кои шест се проверени и од нив само две се основани а се во врска со агитирање при вршење на службени дејствија, а еден е во фаза на расчистување“,
изјави Спасовски.