Сè уште е рано за да се каже дека кризата е завршена, изјави Станислав Зарин, портпаролот на разузнавачките служби
Полската влада денеска соопшти дека според нејзина проценка околу 7 000 мигранти, кои сакаат да стигнат до ЕУ, сè уште се наоѓаат во соседна Белорусија, јавува ДПА.
„Проценуваме дека режимот на Лукашенко вратил околу 3 000 мигранти во Ирак и Сирија, но значително повеќе, околу 7 000, сè уште се на територијата на Белорусија“,
изјави денеска за полската агенција ПАП портпаролот на разузнавачките служби Станислав Зарин.
Зарин рече дека во моментов е намален бројот на обиди за илегално преминување на полско-белоруската граница и додаде дека е сè уште рано за да се каже дека кризата е завршена.
„Белоруските безбедносни сили и натаму испраќаат помали групи мигранти на границата со цел да најдат помалку безбедни делови каде што би можеле илегално да преминат во ЕУ“,
рече Зарин.
Нов лет за враќање на мигрантите од Белорусија до Ирак е планиран за подоцна во текот на денот, по што утре ќе следува лет за Сирија, соопшти аеродромот во Минск на социјалната мрежа Телеграм. Меѓутоа, многу мигранти на границата сè уште се надеваат дека ќе го продолжат својот пат кон Европа и одбиваат да се вратат во своите матични земји, јави белоруската агенција Белта.
Илјадници мигранти и бегалци со недели наназад се обидуваат да ги минат надворешните граници на ЕУ од Белорусија, со цел прво да стигнат до Полска, Литванија или Летонија.