Министерот за економија Крешник Бектеши информира оти согласно буџетот кој е одвоен за оваа намена, односно вкупно 60 000 денари, со финансиска поддршка можат да се стекнат околу 7 000 домаќинства, а согласно оваа мерка предвидено е да се покријат од 600 до 800 денари од сметката за електрична енергија на домаќинствата за ниски приходи
До Министерството за економија заклучно со вчерашниот ден стигнале вкупно 6 500 барања за финансиска помош за покривање на дел од сметките за електрична енергија од страна на домаќинствата со ниски примања, а во врска со повикот за финансиска поддршка кој претходно го објави ресорното министерство.
Министерот за економија Крешник Бектеши информира оти согласно буџетот кој е одвоен за оваа намена, односно вкупно 60 000 денари, со финансиска поддршка можат да се стекнат околу 7 000 домаќинства, а согласно оваа мерка предвидено е да се покријат од 600 до 800 денари од сметката за електрична енергија на домаќинствата за ниски приходи.
„За спроведување на активностите за финансиска поддршка на лица со ниски примања, во рамките на Министерството, формирани се пет комисии, кои активно ќе работат до крајот на февруари и ќе биде изготвена финалната листа на баратели кои ќе се стекнат со финансиска поддршка од оваа мерка“,
рече Бектеши и додаде дека иако решенијата ќе се донесат на почетокот на март, фактурите за електрична енергија за јануари и февруари во износ од 600 и 800 денари ќе бидат покриени.
Тој истакна дека финансиска поддршка ќе добијат лица со најниски примања во домаќинство во 2021 година, во соодветната категорија, а во случај повеќе баратели да имаат идентичен износ на месечни примања во домаќинството, истите ќе бидат подредени според архивскиот број, растечки.
„По изготвувањето на финалните листи, Министерството за економија истите ќе ги достави до универзалниот снабдувач со електрична енергија, ‘ЕВН хоум’, со цел потврдување на внесените податоци за бројот на корисник и за бројот на место на потрошувачка и по добиен одговор од нивна страна, Министерството за економија ќе изготви решенија за стекнување финансиска поддршка“,
кажа Бектеши.
Според јавниот повик, корисниците на финансиска поддршка во текот на оваа година треба преостанатиот дел од износот на сметката за претходниот месец да го плаќаат во рокот за плаќање наведен на сметката, а во спротивно, доколку корисникот на финансиска поддршка не го плати преостанатиот намален износ на две последователни сметки, Министерството за економија ќе донесе решение со кое се укинува решението за стекнување на финансиска поддршка.
За можноста да се одложи плаќањето на сметките за струја, министерот рече дека тие договори се билатерални кои ги прават потрошувачите со ЕВН или, пак, со други трговци на електрична енергија.
„Најважно е дека ние направивме големи напори за сметките посебно за домаќинствата и малите потрошувачи да не бидат поголеми од 9,5 отсто и секако реализираме вакви мерки преку МТСП и преку Министерството за економија за да им олесниме на тие граѓани кои имаат ниски приходи додека трае кризната состојба“,
рече Бектеши, кој потенцира дека иако кризната состојба со одлука на Собранието ќе трае до јуни, Владата испланирала средства за целата година, со кои ќе бидат помогнати околу 55 илјади домаќинства со ниски приходи.