Во период од две години осомничените со умисла извршиле кривични дела затајување на данок, соизвршителство и злоупотреба на службена положба
Основното јавно обвинителство Скопје ќе спроведување истражна постапка против 13 лица за кривични дела даночно затајување и злоупотреба на службената положба и овластување.
За две лица истрага е поведена за кривичното дело даночно затајување од член 279 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, петмина се осомничени за продолжено извршување на истото кривично дело, тројца се под истрага затоа што кривичното дело го извршиле во соизвршителство, и уште тројца се осомничени за кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување по член 353 став 4 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Во периодот од 1 јануари 2015 до 31 декември 2017 година осомничените како сопственици, управители и овластени лица на сметките и деловните активности на правни лица, како и тројца вработени одговорни лица во експозитура Тетово на една деловна банка, со умисла извршиле две временски поврзани дејствија што преставуваат повеќекратно остварување на исто дело.
„Тие искористувајќи исти прилики, со намера да одбегнат плаќање данок на додадена вредност, данок на добивка и персонален данок на доход на кои биле обврзани со Закон, дале лажни податоци за своите приходи со што влијаеле на утврдување на износот на даночните обврски“,
соопшти Обвинителството.
Петмина осомничени се лишени од слобода и за нив надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлози за определување мерки на претпазливост односно забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, обврска повремено да се јавуваат кај надлежен орган, како и привремено одземање патна и друга исправа за преминување на државната граница и забрана за издавање нова.
Со поднесената кривична пријава беа опфатени уште 7 физички и 15 правни лица. За нив надлежен јавен обвинител отвори претходна постапка и тоа за физичките лица за кривично дело даночно затајување од член 279 став 1, а за правните лица за истото кривично дело согласно став 3 од Кривичниот законик.