Во акција на Финансиската полиција се поднесени кривични пријави за даночно затајување, соизвршителство, злоупотреба на службената положба и овластување и помагање
Кривична пријава против 20 физички и 15 правни лица поднесе Управата за финансиска полиција, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, за сторени кривични дела даночно затајување, соизвршителство, злоупотреба на службената положба и овластување и помагање. Тие го оштетиле Буџетот по основ на данок на додадена вредност, данок на добивка и персонален данок на доход во вкупен износ од 62 933 835 денари (околу еден милион евра н.з).
Како што информираат од Управата, лицето М. И. од Скопје, по насоки и претходен договор со Ф. К. и Е.К. од Тетово, М. Т. и А. Д. од Велес, Д. Т., М. К. и В. Б. од Скопје, во период од 2015 до 2017 година, во име на правните лица Мартоник 2013 ДООЕЛ Тетово, Голд инженеринг ДООЕЛ Скопје, Дајмонд инженеринг ДООЕЛ Скопје и Ваиб електроник ДООЕЛ Скопје, изготвиле и доставиле 96 фактури со невистинита содржина на вкупен износ од 71 384 348 денари со вклучен ДДВ, без притоа да имаат реално должничко-доверителски односи со правните лица: Россен центар експорт-импорт с. Стримница Желино, Розен центер експорт-импорт с. Стримница Желино, Аскинг, Д-л Бау гроуп Тетово, Делотроник ДООЕЛ Скопје, Фассион- компани Тетово, Тајмиште АД Кичево, Техно текс Ќенан ДОО Тетово и Алдинг инженеринг Скопје, и од нив примиле парични средства во вкупен износ од 66 686 686 денари на банкарските сметки депонирани во Капитал банка АД Скопје, кои ги подигнале во готово.
„Паричните средства биле подигнати спротивно на законските прописи како позајмици или материјални трошоци, за кои немале економска оправданост и не биле во функција на дејноста на правниот субјект и им ги враќале во готово на корисниците на фиктивните фактури, а за услугата задржувале провизија во износ од 2 до 5 отсто“,
велат од Управата за финансиска полиција.
Пријавените во име на правните субјекти корисници на фиктивни фактури: Россен центар, Розен центер, Аскинг, Д-л Бау гроуп, Делотроник, Фассион-компани, Тајмиште АД, Алдинг инженеринг се стекнале со противправна имотна корист во износ од 66 686 686 денари, на начин што по претходен договор ги употребиле фиктивни фактури за извршена наводна набавка на стоки и услуги во вкупен износ од 70 228 448 денари, со вклучен ДДВ во износ од 9 498 082 денари и ги евидентирале во своето сметководство и во даночните пријави за ДДВ и извршиле неоснован поврат на ДДВ, а во завршните сметки искажале неточни податоци и ја намалиле даночната основа за данок на добивка во вкупен износ од 7 172 341 денари, односно го оштетиле буџетот за вкупен износ од 16 670 423 денари.
„Пријавените лица Е.К., Ш.К. и С.К.З. вработени во Капитал банка АД – експозитура Тетово во својство на банкарски службеници, воедно и сметководители на горенаведените правни лица, учествувале во поврзување на горенаведените физички и правни лица, и во нивно име спротивно на закон реализирале претходно потпишани бланко налози за пренос и подигнување на парични средства од правните лица Мартоник 2013 ДООЕЛ Тетово, Голд инженеринг ДООЕЛ Скопје, Дајмонд инженеринг ДООЕЛ Скопје и Ваиб електроник ДООЕЛ Скопје, подигнувале парични средства во готово без присуство на овластените лица на наведените правни лица и подигнатите готовински парични средства ги предавале на одговорните лица на правните лица Россен центар, Розен центер, Аскинг, Д-л Бау гроуп, Делотроник, Фассион-компани, Тајмиште АД, Техно текс Ќенан ДОО Тетово и Алдинг инженеринг“,
соопштија од Управата за финансиска полиција.