„Објектот почнал да се гради во 2024 година, без одобрение и на државно земјиште. Осомничениот, како управител на правно лице, се јавува како инвеститор на градбата – станбена зграда со деловни простории и катност По+П+6+Пк наменети за продажба“, се вели во соопштението од Обвинителството
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поведе истражна постапка против управител на фирма за бесправна изградба на шесткатница на улицата „Ќемал Сејфула“ во Општина Чаир.
Од Обвинителството денеска информираат дека постапката е отпочната по претходна кривична пријава од група граѓани.

„Објектот почнал да се гради во 2024 година, без одобрение и на државно земјиште. Осомничениот, како управител на правно лице, се јавува како инвеститор на градбата – станбена зграда со деловни простории и катност По+П+6+Пк наменети за продажба“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека овластен судски вештак од областа на градежништвото, по наредба на јавен обвинител, констатирал моментална фаза на изграденост, односно изведени армирано-бетонски работи, целосно избетонирана скелетна армирано-бетонска конструкција, столбови, греди и плочи од подрум до шестиот кат, како и ѕидање на надворешни и внатрешни ѕидови со блок-тула.
Доставен е предлог за определување мерки на претпазливост, односно обврска да се јавува кај определено службено лице, привремено одземање на патната исправа и забрана за изведување градежни работи на објектот дивоградба.
Градоначалничката Данела Арсовска изминатиот период во повеќе наврати се вклучи во живо со видеа на социјалната мрежа Фејсбук директно од Општина Чаир, покажувајќи градилишта и објекти за кои тврди дека се дивоградби.
Повика и на одговорност градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.
На 31 мај таа до ОЈО Скопје ги поднесе доказите и документите во врска со дивоградбите во Чаир.
Претходно алармираше дека, според нејзини информации, во Општина Чаир активно се уништуваат докази за фалсификатите и дивоградбите.