Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани деновиве соопшти дека при инспекцискиот надзор било утврдено дека стручните работници не оствариле непосреден контакт со жртвата, и покрај тоа што претходно имало закажано средба
Јавното обвинителство отвори предмет по допрен глас и ќе проверува дали има елементи на кривично дело во неправилностите што биле констатирани во Центарот за социјални работи во врска со жената која со своето дете падна од балкон во скопската населба Карпош.

Како што соопштија денеска оттаму, предметот е отворен по информациите објавени во медиумите за констатирани неправилности при извршен инспекциски надзор во Центарот за социјални работи.
На предметот ќе работи Основното јавно обвинителство Скопје кое, како што се наведува, ќе преземе дејствија на проверки за да испита дали со овие неправилности се исполнети елементи на кривично дело кое се гони по службена должност.
Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани деновиве соопшти дека при инспекцискиот надзор било утврдено дека стручните работници не оствариле непосреден контакт со жртвата, и покрај тоа што претходно имало закажано средба.
„Во однос на извршениот инспекциски надзор, неправилностите кои се констатирани се однесуваат на пропуст во делот на остварување на непосреден контакт со жртвата, односно вршење на непосреден увид во домаќинството, иако стручните работници телефонски и административно контактирале со жртвата со закажана средба помеѓу жртвата и стручниот работник од центарот.Сакам јасно и недвосмислено да порачам: секое евентуално пропуштање, ненавремено постапување или непочитување на законските обврски мора целосно да се утврди. Доколку се констатира одговорност, таа мора да биде преземена согласно закон, без исклучок“,
изјави Лимани.
Случајот со 31-годишната жена и нејзината шестгодишна ќерка отвори многубројни прашања за постапувањето на надлежните институции бидејќи таа изминатите години била жртва на семејно насилство од страна на нејзиниот сопруг Стојанче Јовановски, случаи кои биле документирани од полицијата и од други надлежни служби.
Јовановски се наоѓа во затвор, откако скопскиот Кривичен суд на предлог на Обвинителството му одреди краткотраен 48-часовен притвор, кој вчера му беше продолжен за уште 48 часа.
Нему притворот му е одреден поради сомневање дека сторил три кривични дела – наведување на самоубиство, нанесување телесни повреди и загрозување на сигурноста.
Како што соопштија од Министерството за внатрешни работи (МВР), околу два часа пред жената и детето да бидат пронајдени починати по пад од балкон, сопружниците имале расправија на улица, која бил пријавена во полиција.
Но, кога полициските службеници пристигнале на местото жената изјавила дека немало физички контакт меѓу неа и сопругот и оти се работело за недоразбирање за кое таа нема да бара полициска интервенција.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во средата на прес-конференција, говорејќи за случајот што ја вознемири јавноста и предизвика бран реакции, рече дека Јовановски и досега ѝ бил познат на полицијата по дела поврзани со насилство и други криминални активности.
Според Тошковски, против осомничениот скопската полицијата во изминатите години поднела вкупно 10 кривични пријави за дела од областа на насилниот криминал, недозволена трговија со дрога и имотни деликти.
Во декември лани лицето било лишено од слобода откако кај него биле пронајдени 20 пакувања со дрога (марихуана и амфетамин), по што Министерството за внатрешни и работи поднело пријава до Обвинителството по брза постапка, за што биле изречени мерки на претпазливост од страна на судот.
Во текот на минатата и на почетокот на оваа година, во Министерството за внатрешни работи, како што наведе министерот, биле евидентирани повеќе пријави за нарушени меѓучовечки односи и физички напади помеѓу сопружниците. Полицијата, според него, постапувала по секоја пријава, но во сите наврати пријавите биле повлекувани од страна на оштетената, која се откажувала од водење понатамошни постапки.
