Како што информира Обвинителството, постои основано сомнение дека скопјанецот во станот во кој живее и во станот на неговиот покоен дедо во Скопје недозволено одгледувал, преработувал и држел за продажба наркотична дрога – марихуана
Основното јавно обвинителство од Скопје поведе истражна постапка за 33-годишен скопјанец осомничен за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Како што информира Обвинителството постои основано сомнение дека лицето во станот во кој живее и во станот на неговиот покоен дедо во Скопје недозволено одгледувал, преработувал и држел за продажба наркотична дрога – марихуана.
„При претрес во домот на осомничениот на булеварот АСНОМ во Скопје биле пронајдени и одземени вкупно 71 стебло од растението канабис сатива, повеќе пакувања со марихуана, гранки во процес на сушење, тегли и други пакувања со семки од марихуана. Во втората илегална импровизирана лабораторија, пак, во стан на булеварот ‘Партизански одреди’, полициските службеници откриле уште 81 стебло од растението канабис сатива, кои се одгледувале во специјално направени услови со инсталирано посебно осветлување и температурни услови. Во станот биле пронајдени и 12 помали саксии со насади, лампи, вентилатори, засилувачи и друга опрема за производство на марихуана“,
информира ОЈО-Скопје.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постојат околности кои укажуваат дека ваквата мерка е неопходна за непречено водење на постапката, односно поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и можност осомничениот да го повтори делото.