„Малолетниците, сите ученици во деветто одделение во основно училиште, како соизвршители, неовластено преземале приватни фотографии од нивни соученички, ги монтирале и меѓусебно ги споделувале со врсници, со цел да ги навредат и исмеваат и да нанесат штета на угледот на оштетените“, се наведува во соопштението на Обвинителството
Основното јавно обвинителство во Кавадарци до надележниот суд поднело барање за поведување на подготвителна постапка против шестмина малолетници, кои за да исмеваат соученички, злоупотребиле нивни фотографии, креирајќи монтажи со навредлива содржина.

Како што информираа денеска од Обвинителството, за малолетниците постои сомнение дека сториле продолжено кривично дело, санкционирано како злоупотреба на лични податоци од член 149 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„Малолетниците, сите ученици во деветто одделение во основно училиште, како соизвршители, неовластено преземале приватни фотографии од нивни соученички, ги монтирале и меѓусебно ги споделувале со врсници, со цел да ги навредат и исмеваат и да нанесат штета на угледот на оштетените“,
се наведува во соопштението на Обвинителството.
Инаку, поднесеното барање за подготвителна постапка е своевиден еквивалент на наредба за истрага, со тоа што постапката не ја води јавен обвинител, туку судија за деца во надлежен суд, а согласно со Законот за правда на децата.
Барањето за поведување на подготвителна постапка доаѓа откако во понеделникот од Јавното обвинителство потврдија дека ги добиле вештачењата во врска со случајот со монтираните фотографии.
Случајот беше обелоденет во јавноста кон средината на октомври минатата година, кога во кавадаречката полиција беше пријавено дека шест малолетници злоупотребиле фотографии од малолетни девојчиња.
„Ве известуваме дека во ОВР Кавадарци, заедно со нивните родители, повикани се шест малолетници од Кавадарци и со нив бил извршен службен разговор во врска со претходна пријава од родители дека биле злоупотребени лични податоци, односно фотографии од нивните малолетни ќерки. Според пријавеното, фотографии биле преземени од социјални мрежи и на нив биле измонтирани фотографии со недолична содржина“,
изјави тогаш за МИА портпаролката на СВР Велес, Биљана Ѓаковска.
Кон крајот на истиот месец кавадаречкото Основно јавно обвинителство оформи предмет за злоупотребените фотографии на малолетните девојчиња.
Еден од родителите на оштетените девојчиња за државната новинска агенција тогаш изјави дека деветтоодделенците правеле монтажи, односно главите од фотографии преземени од Фејсбук на повеќе девојчиња, помлади и постари од нив, ги монтирале со апликација на експлицитни фотографии и ги споделувале по групни разговори.