Од ОЈО ГОКК велат дека во досегашното работење на сите обвинители во ова обвинителство, без исклучок, во ниту еден момент ниту од основниот јавен обвинител Ислам Абази, ниту од кој било друг не била загрозена нивната самостојност и одговорност при извршување на нивната функција

Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) велат дека немало никакви притисоци врз јавните обвинители во врска со предметите по кои постапуваат. Од ОЈО ГОКК јавно ги осудуваат ваквите изјави што задираат во нивниот интегритет и ги отфрлаат сите информации што кружат во јавноста.
Оттаму велат дека во досегашното работење на сите обвинители во ова обвинителство, без исклучок, во ниту еден момент ниту од основниот јавен обвинител Ислам Абази, ниту од кој било друг не била загрозена нивната самостојност и одговорност при извршување на нивната функција.
„Би сакале да напоменеме дека принципот на хиерархија и субординација, на кои се темели функционирањето на јавното обвинителство, не задира во независноста при одлучувањето на јавните обвинители кои мериторноста на своите одлуки ја црпат од прибраниот доказен материјал, па така секоја непроверена теза и сензација која ја подрива довербата во обвинителството директно го крши Уставот на РСМ“,
се додава во соопштението.
Јавноста, велат од Обвинителството, треба да знае дека согласно Уставот на РСМ и согласно законите никој не може да влијае врз законитото, непристрасното и објективното вршење на функцијата на обвинителството.
„Од тие причини не смее да се дозволи одлуките на Обвинителството да се користат за дневно-политичко поентирање, особено ако се има предвид дека секоја донесена одлука влијае на нечија човечка судбина“,
се вели во соопштението.