Во објавата на Фејсбук, од иницијативата „Охрид СОС“ објавија и фотографии од градежните активности за кои велат дека се случуваат во селото Тушемиште од албанската страна на Охридското Езеро, иако, како што велат, албанските власти во извештајот до УНЕСКО се обврзале да го заштитат Охридскиот Регион
Додека албанските власти во извештајот доставен до УНЕСКО наведуваа некакви проекти за заштита на Охридскиот Регион, споделуваа фотографии од средби и настани, на терен деновиве се случува нешто друго – се бетонира во Охридското Езеро, велат од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ во објава на својот фејсбук-профил.

Во објавата на Фејсбук, од иницијативата објавија и фотографии од градежните активности за кои велат дека се случуваат во селото Тушемиште од албанската страна на Охридското Езеро.
„Ова е уште еден доказ дека нема реална заштита на природното наследство на Охридскиот Регион, дека уништувањето продолжува со несмалено темпо и од другата страна на границата. Иако тој дел е само четири години на листата Светско наследство, ги преживува истите проблеми и притисоци како и македонскиот дел“,
се вели во фејсбук-објавата на „Охрид СОС“.

Оттаму информираат дека неодамна на средба со албански организации и жители од Поградец биле информирани, како што велат, за одредени планови и намери кои не се усогласени со стандардите за заштита и кои би можеле да го нарушат биодиверзитетот.
„Чудно е како се форсираат, кога албанските институции се обврзале да го заштитат светското наследство. Не попусто се препорачува од страна на меѓународните организации интегрирана заштита, ускладени закони и стандарди и интегрални планови за управување за двете држави“,
додаваат од граѓанската иницијатива.
За да ја скенираат состојбата Охридско Езеро, во земјава престојуваат претставници на Секретаријатот на Бернската конвенција во делот на заштита на природното наследство, на Конвенцијата за заштита на водните живеалишта со меѓународно значење (Рамсарска Конвенција) и на УНЕСКО.
Експертите денеска и утре ќе имаат средби со претставници на општините Охрид и Струга, а предвидено е да ги посетат и Националниот парк „Галичица“, Студенчишко Блато, областа кај Свети Наум и крајбрежјето на Охридското Езеро.
Експертите од УНЕСКО и од Бернската конвенција вчера имаа средба со министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, која од нив изрази очекување за реална и независна проценка на состојбата со Охридското Езеро и НП „Галичица“, како и споделување применливи препораки за нивно одржливо управување.