Под силно полициско обезбедување, денеска почна најавуваната акција за уривање на нелегалните градби и урбана опрема од плажите во градското подрачје на Охрид, јави дописникот на МИА.
За почеток се отстранува и демонтира платформата во езерото пред „Куба либре“, една од најатрактивните плажи и локации на источниот брег на Охридското Езеро.
Акцијата беше очекувана, со оглед што уште пред една седмица во близина на неколкуте плажи зад мостот на Студенчишкиот Канал кај Охрид беше распоредена механизација, а вчера сите објекти во тој дел беа исклучени од системот за напојување со електрична енергија.
Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, неодамна најави дека ќе се отстрануваат сите нелегални објекти и градби од сите плажи на кои им се истечените договорите за концесија, вклучувајќи ги и петте што влегуваат во опфатот на ГУП.