Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека секој кој ги исполнува условите и смета дека треба да се пријави за нов партиски лидер, да го направи тоа во пресрет на Конгресот што го закажа партијата за во декември.
„Секој оној кој ги исполнува условите согласно Статутот јас го охрабрувам да се пријави. Ќе видиме во периодот што следи колкава ќе биде бројката на пријавени лица за потенцијален претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Конгресот ќе биде на 12 декември во спортскиот центар ’Јане Сандански‘ во Скопје и ја повикувам јавноста да го следи процесот“,
одговори Мицкоски на прашањето дали очекува да има противкандидати.
Датумот на Конгресот во четвртокот го одреди Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ, а актуелни високи функционери на партијата уште истата вечер изразија јавна поддршка на Мицкоски за нов мандат за претседател на партијата.
„Очекуваме претседателот да биде кандидат на претстојниот конгрес согласно резултатите кои ги покажавме на последните локални избори“,
изјави тогаш Драган Ковачки, член на ИК.
И потпретседателот на партијата, Александар Николоски, во телевизиски настап во четвртокот рече дека Мицкоски ја има целосната негова поддршка за реизбор на чело на партијата.