Францускиот претседател апелирал за прекин на опсадата и овозможување хуманитарен пристап до градот, наспроти рускиот претседател, кој го обвинил Киев за „воени злосторства“
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ја изрази својата „огромна загриженост“ за судбината на украинскиот Мариупол, за време на повеќечасовниот телефонски разговор со рускиот колега Владимир Путин.
Тој апелираше за „прекин на опсадата и овозможување хуманитарен пристап“ до градот, пренесува МИА.
За време на последниот од неколкуте телефонски разговори меѓу двајцата лидери од почетокот на руската инвазија пред три недели, Макрон „повторно побара итно почитување на прекинот на огнот“ во Украина, соопшти Елисејската палата.
Претходно, Кремљ соопшти дека Путин, во разговорот со Макрон, го обвинил Киев за „воени злосторства“, нагласувајќи дека Москва прави „се што е можно“ за да избегне смртни случаи на цивили во Украина.
„Привлекуваат внимание бројните воени злосторства што секојдневно ги вршат украинските безбедносни сили, особено масовните ракетни и артилериски напади врз градовите во Донбас“,
соопшти Кремљ за телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери.
Путин му рекол на Макрон дека руската армија „прави се што е можно за да ги заштити животите на мирните цивили, вклучително и со организирање хуманитарни коридори за нивна безбедна евакуација“.