Од „Огнената група“ попуштиле околу барањето за отчет на актуелните функционери на ДУИ и нема да инсистираат тоа да се случи на седницата на Генералното собрание, туку тоа ќе биде одложено за две недели
Партискиот портпарол Бујар Османи по завршување на средбата рече дека консултациите на членовите на претседателството со партиските ограноци била конструктивна
Членовите на „Огнената група“ денеска не дојдоа на консултативната средба што ја свика лидерот на ДУИ, Ахмети во пресрет на утрешниот состанок на Генералниот собрание на кое ќе се избираат највисоките партиски тела. Сепак, тие се појавиле на околу еден час пред крајот на средбата, откако Ахмети ги повикал за да им го предложи компромисот
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети со раководството на партијата и членовите на „Огнената група“ на денешниот неформален консултативен состанок кој траеше околу шест часа постигнале компромис, откако претходно групата која бара оставка или смена на првиот вицепремиер Артан Груби не дојде на состанокот, но потоа нејзини претставници се појавил на повик на Ахмети, пишува „Слободен печат“, повикувајќи се на свои извори во партијата.

Според весникот, на средбата било договорено актуелниот потпретседател ДУИ, Изет Меџити да остане на таа функција и по Генералното собрание на партијата кое е закажано за утре. Градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети кој е дел од „огнените“ ќе добие партиска функција, односно тој ќе биде организациски секретар, поранешниот вицепремиер, Муса Џафери, кој е уште едно од позвучните имиња од групата ќе биде претседател на надзорниот одбор.
Актуелниот пратеник Арбр Адеми ќе биде избран за потпретседател на партијата, како и Бајрам Реџепи. Според информациите, уште еден компромис бил постигнат околу последното потпретседателско место, кое ќе го добие Арбана Пашоли, наместо првичниот предлог тоа да биде пратеничката Арта Зендели – Биљали, која наводно е блиска до првиот вицепремиер, Груби.
Од „Огнената група“ попуштиле околу барањето за отчет на актуелните функционери на ДУИ и нема да инсистираат тоа да се случи на седницата на Генералното собрание, туку тоа ќе биде одложено за две недели.
Како што пишува „Слободен печат“ за генерален секретар на партијата ќе биде поставен Фатон Ахмети, а Саранда Имери ќе биде на функцијата секретар за родова еднаквост.
Членовите на „Огнената група“ денеска не дојдоа на консултативната средба што ја свика лидерот на ДУИ, Ахмети во пресрет на утрешниот состанок на Генералниот собрание на кое ќе се избираат највисоките партиски тела. Сепак, тие се појавиле на околу еден час пред крајот на средбата, откако Ахмети ги повикал за да им го предложи компромисот.
Засега нема информации дали и по денешната средба членовите на „Огнената група“ ќе останат на барањето за смена на Артан Груби и за реформи во партијата.
Груби, како што пренесе „ТВ 21“, вечерва по завршувањето на состанокот си замина од партиското седиште во Мала Речица без да даде коментар за средбата.
„Ви посакувам добра ноќ! Имајте убав ден! ДУИ посилна од кога било“, рекол Груби на заминување.
Партискиот портпарол Бујар Османи по завршување на средбата рече дека консултациите на членовите на претседателството со партиските ограноци била конструктивна, јавува „Телма“.
„Имавме неформална консултативна средба на претседателот Ахмети, со претставници од партијата од различните ограноци во подготовка за утрешниот состанок на Централниот совет, каде ќе се донесат одлуки за формирање на Централното претседателство и другите органите на партија. Претседателот Ахмети правеше индивидуални средби овие денови, меѓутоа веќе во два наврати имаше средби со повеќе функционери од партијата со кои се разменуваа ставови, консулатации како утре да се донесат одлуките на Централниот совет. Мислам дека целата средба помина во најконструктуивна атмосфера, во една атмосфера на соработка, на унифицираност, на спремност на партијата за нови походи“, изјави Османи.

„Огнената група“ од ДУИ неодамна излезе со отворено писмо револтирана од првиот вицепремиер Артан Груби и побара промени во партијата.
Претставници на групата досега на два пати беа на средби со партискиот лидер, Али Ахмети во Мала Речица и сликата по нивното завршувања и во двата наврати беше идентична. Членовите на групата на социјалните мрежи објавуваат фотографии на кои срдечно се поздравуваат со Ахмети, но порачуваа дека цврсто стојат против извршната власт. Лидерот на ДУИ пак по последната средба што се одржа на 4 октомври изјави дека во „ДУИ нема ниту пламен, ниту оган“.
Отвореното писмо Огнената група го објави кон крајот на минатиот месец и членовите на ДУИ потпишани во него, меѓу кои двајца се пратеници, двајца градоначалници и заменик-министер, побараа од Ахмети да го врати партиското единство и да ја заврши внатрепартиската „војна“, а го обвинија вицепремиерот Артан Груби дека како дел од извршната власт сам одлучувал за кадровските поставувања и дека дилетантски се однесувал, со што се придонело кон револт и пасивност на гласачкото тело што, пак, резултирало со лоши изборни резултати на последните избори во Тетово. Обвинија и дека во партијата не постојат и не се формираат статутарните партиски органи, дека политичкото одлучување станало индивидуално, како и дека не постои дебата и консултација со базата.