Според Законот, рабатот на годишно ниво не смее да биде повисок од 10 проценти. Покрај ограничен рабат, законот предвидува трговците да не смеат да наплаќаат дополнителни трошоци за маркетинг, репрезентација, како и за истакнување одреден производ на полица

Комисијата за заштита од конкуренција (КЗК) има оформено 50 предмети откако до нив стигнале примери за нефер трговски практики, вели заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.
Ристески вели дека комисијата ќе излезе на терен и ќе ги проверува случаите, а доколку има потреба ќе има и казни.
Проверките, како што вели Ристески, комисијата ќе ги прави на лице место.
„За пронајдените неправилности казните се големи, до 20 000 евра. Законот за нефер трговски практики мора да се спроведува и да се заштитат и производителите и потрошувачите“,
вели Ристески.
Законот за нефер трговски практики е во функција според директивата на ЕУ од 28 септември 2024 година. До крајот на минатата година се вршеше мониторинг на спроведувањето на Законот, а од почетокот на годинава во сила се казни за сите неправилности во неговото спроведување.
Со Законот се опфатени 2 546 производи по тарифен број, а претходно се утврдени 26 нефер трговски практики. Со законот се уредуваат односите на релација производители, добавувачи и трговци.
Според Законот, рабатот на годишно ниво не смее да биде повисок од 10 проценти.
Покрај ограничен рабат, Законот предвидува трговците да не смеат да наплаќаат дополнителни трошоци за маркетинг, репрезентација, како и за истакнување одреден производ на полица.
На подолг рок со овој закон се очекува поголемо регулирање на цените на производите како краен ефект, односно во интерес на потрошувачите, купувачите и граѓаните.
Во зависност од тежината и значењето на прекршувањето, Законот предвидува казни за најтежок прекршок и полесни прекршоци. Највисокиот износ на казна за најтежок прекршок може да изнесува до 20 000 евра за голем трговец и од 350 до 500 евра за одговорното лице. Највисокиот износ на казна за полесен прекршок што може да се изрече во постапка е 5 000 до 6 000 евра за голем трговец и 350 до 500 евра за одговорното лице.