Влатко Илиевски, сопругот и адвокат на Гордана Јанкулоска, ова го поткрепува со аргументот дека досега ништо не е преземено иако уште претходниот директор на Управата за извршување санкции изјавил дека во рок од еден месец ќе се реши проблемот
Инаку, Јанкулоска, како и другите затворенички, не може да ги користи законските погодности што ги имаат затворениците мажи, како посети надвор од установата, одмор и работно ангажирање
Мислењето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација дека ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска е дискриминирана во затвор е само морална сатисфакција. Ова го изјави нејзиниот адвокат и сопруг Влатко Илиевски, кој гостуваше во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.

„Ова е чисто морална сатисфакција дека нашите аргументи биле прифатени и дека тоа што сме го тврделе сега го имаме и во форма на мислење, иако од практичен аспект мислам дека е бескорисно мислењето“,
вели Илиевски.
Според Комисијата, Јанкулоска, како и останатите затворенички, не може да ги користи законските погодности што ги имаат затворениците мажи, како посети надвор од установа, одмор и работно ангажирање. На прашањето како е возможно да постои и да се толерира овој тип нееднаквост, Илиевски рече дека осудените лица се третираат како граѓани од трет ред, дека ги множат со нула и никој не се грижи за нивните законски загарантирани права.
„Со оглед на тоа што станува збор за женскиот дел од осудените лица, каде што во изминативе години немало толку многу звучни имања кои би можеле евентуално да го артикулираат соодветно овој проблем, да го изнесат пред надлежните институции и слично, биле оставени така, сами на себе. Дефинитивно, тука не си ја завршиле работата ниту Народниот правобранител ниту Хелсиншки ниту други организации што имаат амбиции да ги заштитуваат човековите права, вклучително и правата на осудените лица. Не било евидентирано тоа како проблем и било оставено на дневна основа да си тече како што е“,
смета тој.
Сопругот на Јанкулоска потсетува дека имало изјава од претходниот директор на Управата за извршување санкции дека во рок од еден месец ќе се реши проблемот, но досега ништо од тоа не се случило.
„Од она што го знам – си ја префрлаат топката. Министерот ја префрла на Управата за извршување санкции, а Управата на министерот. Практично, станува збор за два члена од правилникот. Не е тоа кој знае каква интервенција. Јас и самиот уште во септември минатата година, кога се обратив до Министерството за правда, доставив мој предлог како би можело да излгеда интервенцијата во правилникот. Меѓутоа, еве, од септември досега нема никакво поместување“,
вели Илиевски.
Комисија за спречување и заштита од дискриминација утврди дека на Јанкулоска ѝ е оневозможено користење посети надвор од установата, одмор, како и работно ангажирање, образложувајќи дека станува збор за погодност која може да се користи ако осуденото лице одлежало третина од казната или, пак, има примерно поведение.
Комисијата ѝ препорача на Управата за извршување санкции во рок од шест месеци да изготви акциски план со конкретни работи и буџетирање за сите осуденици, без разлика на пол, да можат да ги користат сите погодности пропишани со закон.
Јанкулоска ја издржува четиригодишната затворска казна од септември 2020 година откако беше правосилно осудена во сучајот „Тенк“ за набавката на владиниот луксузен мерцедес. Во истиот случај е осуден и експремиерот Никола Груевски, кој избега во Унгарија.