Учебната година ќе почне на 1 октомври, одлучи Владата и го задолжи Министерството за образование да го промени календарот за почеток на учебната година.
„Владата го задолжи Министерството за образование и наука да го промени календарот за учебната 2020/2021 година, со што наставниот процес наместо на 1 септември да започне на 1 октомври 2020 година“,
се вели во соопштението на Владата.
Во соопштението се додава дека усвоен е протоколот за постапување на основните училишта за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година и протоколот за постапување на средните училишта за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година.
Донесена е одлука за формирање на работна група во којашто ќе учествуваат претставници од Министерството за здравство, Министерството за образование и наука и од Канцеларијата на претседателот на Владата.
Како што посочуваат од Владата, оваа работна група ќе ја следи состојбата и ќе дава мислење за подготвеноста на основните и училишта за спроведување на наставата во услови на Ковид-19 по поднесени барања од страна на основачот на училиштето за организирање на настава со физичко присуство, како исклучок од задолжителната онлајн-настава за учениците од четврто одделение во основното образование и за учениците до четврта година во средното.
За измените за стартот за учебната година претпладнево информираше и мандатарот Зоран Заев.
Како што беше и досега најавувано, за почеток на новата учебна година се потребни измени на законите за основно и за средно образование, согласно со протоколите за моделите на настава во услови на пандемија, кои треба да ги донесе Собранието.
Поврзана вест: Учебната година ќе започне со еден месец задоцнување