Во лабораторијата ќе можат непречено да се отвораат и декодираат одземените електронски докази што ќе бидат корисни за натамошниот тек на постапките и кои како валидни, односно законски прибавени докази ќе се користат пред суд
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја доби лабораторијата за дигитална форензика, донација од Соединетите Американски Држави (САД), која денеска и официјално е пуштена во употреба, соопштија од републичкото Јавно обвинителство.
Лабораторијата е пуштена во употреба во присуство на заменик-амбасадорката на САД во земјава, Никол Варнс, а на настанот покрај шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, како што може да се забележи од фотографиите во прилог на соопштението, присуствувал и државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Со поддршка на Амбасадата на САД, велат од Обвинителството, се набавени неопходните хардверски и софтверски компоненти за опремување на лабораторијата, чија вредност е околу 500 000 американски долари.
„Опремата вклучува најсовремени форензички станици за работа во лабораториски услови, лаптоп-компјутери, ултраблок китови со врајт блокери за различни видови носачи на електронски податоци што ќе бидат предмет на анализа, како и форензички софтвери што се користат за исчитување и анализа на одземена или запленета електронска опрема“,
се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Во лабораторијата, како што се додава, ќе можат непречено да се отвораат и декодираат одземените електронски докази што ќе бидат корисни за натамошниот тек на постапките и кои како валидни, односно законски прибавени докази ќе се користат пред суд.
„Воедно, за потребите на аналитичкиот центар во Обвинителството, Амбасадата на САД донираше софтверска алатка ‘Analyst’s Notebook 10’ со помош на која се овозможува големи количини на податоци да се претворат во визуелни дијаграми, како мрежи на односи, временски линии и шеми на настани и на тој начин полесно да се откријат скриени врски и модели“,
велат од Обвинителството.
Шефот на ОЈО ГОКК изразил благодарност за, како што се вели, несебичната поддршка на Амбасадата на САД и истакнал дека донацијата ќе му овозможи на Обвинителството самостојно да доаѓа до електронски докази што се наоѓаат на електронските медиуми, со што ќе се намали времето за водење на постапките.
На овој начин, велат од Обвинителството, ќе се растовари и лабораторијата на Министерството за внатрешни работи (МВР) во која досега се вршеа анализи на компјутерска опрема и мобилни телефони од кривични дела за потребите на сите обвинителства.
„Иако станува збор за најсофистицирана опрема за анализа, треба да се има предвид дека развојот на технологијата води кон појава на различни видови уреди и медиуми што утре ќе бидат предмет на анализа и тој факт ја налага неопходноста од континуиран развој на лабораторијата не само со набавка на хардверски и софтверски компоненти, туку и со обука на кадри. Воедно, софтверската алатка ‘Analyst’s Notebook 10’ ќе ни помогне во остварување на нашата основна функција како обвинителство, а тоа е гонење на организираниот криминал. Со помош на оваа алатка на обвинителите и истражителите ќе им се овозможи визуелизација на прибраните податоци во форма на визуелни прикази – чартери, мапи или дијаграми, кои брзо го покажуваат начинот на кој се поврзани, што е од голема полза за идентификување на криминални организации и групи, следење на осомничени или разбирање на сложени ситуации. На тој начин преку побрзо и поефикасно анализирање на комплексни податоци обвинителите ќе можат да носат информирани одлуки“,
истакнал Абази на настанот.
За начинот на работа на истражителите во лабораторија за дигитална форензика во Истражниот центар на ОЈО ГОКК основниот обвинител донел одлука со која се уредени чекорите во постапувањето со одземените телефонски уреди и компјутерска опрема.
Постапките, како што информираат од Обвинителството, ќе се спроведуваат согласно Законот за кривична постапка и позитивна пракса што се применува во лабораториите за дигитална форензика во светот.