И покрај значително понискиот одѕив во споредба со пред пет месеци, Николов, во ситуација на опозициски бојкот, практично, го надмина резултатот на својата партија од парламентарните избори на 15 јули
За 22,1 процентен поен помал одѕив е регистриран на вчерашните дополнителни избори за градоначалник на Штип, во споредба со излезеноста во оваа општина на предвремените парламентарни избори на 15 јули годинава, кога на гласање излегле 51,34 проценти од тогаш запишаните 41 813 избирачи.
Наспроти тогашните 23 784 избирачи, овој пат гласале 14 528 од вкупно 41 777 гласачи, во ситуација кога најголемата опозициска партија не учествуваше на изборите за нов градоначалник.
Иако на парламентарните избори ВМРО-ДПМНЕ освои тесна предност пред СДСМ со 10 141 глас наспроти 10 077 гласа за листата на СДСМ, опозициската партија реши да не учествува на дополнителните избори за градоначалник, на кои вчера победа однесе Сашко Николов, со 11 668 гласа. И покрај значително понискиот одѕив, во споредба со пред пет месеци, Николов, практично, го надмина резултатот на својата партија – СДСМ од парламентарните избори.

ВМРО-ДПМНЕ утрово излезе со нова реакција оценувајќи дека победата на СДСМ во Штип е „лажна како и датумот за преговори со ЕУ“.
„На гласање не излегоа 27 500 граѓани, затоа што не се согласуваат со криминалот на Заев. Сашко Николов е победник за 400 гласа, но загуби Штип. Заев тераше болни од ковид да гласаат само за да ја задржи фотелјата. И покрај сето насилство, 2/3 од граѓаните на Штип не им дадоа легитимитет на Заев и на СДСМ. Избори со 1/3 од вкупниот број гласачи се фарса. СДСМ нема легитимитет“,
обвинува ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ, пак, велат дека граѓаните на Штип избрале напредок и развој и дека се поразени „деструктивните политики на докажаниот губитник Мицкоски“.
„И покрај сите опструкции на ВМРО-ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски, кои немаа храброст да дадат противкандидат, да се соочат со граѓаните на избори, покажавме дека остануваме на европскиот пат. Граѓаните на Штип испратија порака и до бојкотирачот Мицкоски, граѓаните го казнија неодговорното однесување на ВМРО-ДПМНЕ, избраа грижа, одговорност и стабилност, а не блокади, бојкот, лаги, стравови и хистерии“,
велат од СДСМ.