Излезеноста во вториот круг до 17 часот е за речиси 2 отсто повисока од првиот круг на локалните избори. Како што соопшти ДИК, според 83,29 отсто од обработените податоци, одѕивот до 17 часот на ниво на целата држава е 42,85 проценти. Во првиот изборен круг, во истиот временски интервал, таа изнесуваше 40,98 отсто.
Најмногу гласачи до 17 часот своето граѓанско право го оствариле во Вевчани (75,6%), Конче (73,15%) и во Ранковце (71,02%).
Одѕив над 60 отсто од запишаните во Единствениот езбирачки список до 17 часот има во Пробиштип, Пехчево, Росоман, Дебар, Македонски Брод, Демир Хисар, Лозово и во Демир Капија.
Најмала излезеност има во Сарај (23,41%), Шуто Оризари (28,48%) и во Боговиње (30,23%).
На ниво на Скопје, одѕивот изнесува 39,99 отсто. Најмногу избирачи гласале во Карпош (47,75%).