До 13 часот, според пристигнатите податоци во Државната изборна комисија на гласање излегле 269.684 гласачи, односно одѕивот е 24,87 отсто. Излезноста е поголема од минатиот прв круг, во ова време. Во Вевчани, Ранковце, Демир Капија има најголема излезност. Од скопските општини, во Карпош има најголема излезност. За три проценти поголема излезност има и во Шуто Оризари.
„Имаме многу мирен избирачки ден. Прилично солидна, добра излезност. Немаме пријавено дека има редици. Јас и лично гласав сега. Минатиот пат чекав 1 час, а сега ни пет минути“,
рече претседателот на ДИК, Александар Даштевски
Сите избирачки места се отворени од избирачките одбори и процесот на гласање е во тек и во најголем дел се одвива непречено. Рано утринава во 7 часот беа отворени гласачките места во 44 општини од вториот круг на локалните избори. Се бираат градоначалници, а право на глас имаат 1.353.990 избирачи.
Членовите на избирачките одбори добија инструкции читањето на прстите да се одвива според следниот редослед: Прво се чита показалецот од едната рака, доколку уредот не го препознава, тогаш следи обид со показалецот од другата рака. Доколку и во тој случај уредот не може да го исчита гласачот, се вметнува личната карта. Како последен обид, се оди со рачно вметнување на единствениот матичен број на граѓанинот.