Судот го прифатил барањето на Обвинителството за одредување мерка притвор за „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”
Одреден им е притвор на шестемина осомничени во случајот со заплена на 200 килограми дрога, кои вчера беа изведени пред судија на претходна постапка.
Според информации од Обвинителството, судија на претходна постапка им одредил притвор од по 30 дена на осомничните за „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” – кривично дело кое е предвидено и казниво по член 215 став 3 од Кривичниот законик.
Притворот го побара Обвинителството, ценејќи дека се исполнети условите за тоа.
Од Обвинителството велат дека оваа акција е спроведена по повеќемесечна постапка, координирана и по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Одделот за криминалистичка полиција, во соработка со Одделот за спречување организиран и сериозен криминал и Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, а со асистенција на американската служба за борба против дрога – ДЕА и Основното јавно обвинителство – Кавадарци.
ОД Министерството за внатрешни работи вчера соопштија дека се поднесени кривични пријави за Д.Ј.(35) од Струмица, А.У.(45) од Скопје. М.З.(29) од Куманово, М.С.(36) од Битола, К.С.(46) од Прилеп, Г.К.(25) од Скопје.