Земјите-членки на ЕУ најрано на 16 септември, а најверојатно на 15 октомври оваа година ќе се „навратат на препораката на Европската комисија за отворање пристапни преговори со С. Македонија“.
Ова го открива календарот на закажани состаноци на Советот за општи работи на ЕУ, тело што ги носи одлуките поврзани со процесот на проширување на Унијата.
Динамиката на одлучување на ниво на ЕУ е поврзана и со термините во кои германскиот парламент Бундестагот може да одобри почеток на преговори со земјава.
Првата пленарна сесија на Бундестагот наесен е предвидена од 9 до 13 септември, што значи дека теоретски точката за старт на преговори со С. Македонија би можела да се најде пред министрите на ЕУ веќе на 16 септември.
Сепак, за поверојатно се смета сценариото според кое Бундестагот би дал „зелено светло“ на следното пленарно заседание предвидено од 23 до 27 септември, за Советот за општи работи на ЕУ да расправа и евентуално да донесе одлука на 15 октомври.

Во заклучоците усвоени во вторникот, Советот на ЕУ запиша:
„Имајќи го предвид ограниченото време на располагање и важноста на предметот, Советот ќе се наврати на ова прашање, со цел да се постигне јасна и суштинска одлука што е можно поскоро и не подоцна од октомври 2019 година.“