Продолжува неизвесност за тоа дали Македонија ќе добие датум за старт на преговори со Европската Унија на само еден ден пред утрешниот министерски совет за општи работи на ЕУ овде во Луксембург.. Единствена пречка останува резервираноста на Франција кон процесот на проширување, откако другите скептични држави го сменија пристапот по потпишувањето на договорот меѓу Македонија и Грција. Дипломатски извори говорат дека официјален Париз се противи не само на одредување датум за почеток на преговори туку и на какво било конкретно споменување на отпочнување на таков процес.
На ваквата позиција на Франција активно се спротивставуваат редица земји-членки, но и Европската комисија. Како пример, денеска во Луксембург на советот за надворешни работи, каде Македонија е тема на маргините, шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, одговарајќи на моето прашање, не пропушти можност да потсети дека од ЕУ се очекува да биде доследна во своите постапки. На слични позиции беа и шефовите на дипломатиите на некои држави-членки.
Има ли се уште резерви за Македонија да добие датум за почеток на пристапни преговори?
– Советот за општи работи е утре, не денеска – рече Могерини.
Знам, но…
– Не е работа на министрите да дисктутираат за тоа. Но, дозволете ми да го кажам ова многу јасно. Ја знаете препораката на Комисијата, во која ние како Комисија препорачавме да се отворат преговори и со Скопје и со Тирана. Овој процес е заснован на заслуги и треба да биде заснован на заслуги, што значи – кога има напредок, тој мора да биде препознаен и охрабрен и поддржан. Затоа, се надевам дека земјите-членки ќе ја донесат вистинската одлука. Се надевам и очекувам дека земјите-членки ќе ја донесат вистинската одлука. Дозволете ми да кажам дека гледаме напредок на Балканот што е импресивен. Сведочев на потпишувањето на договорот за името пред само десетина дена. Историски момент што треба да биде поддржан. Вчера имав многу добар состанок од дијалогот на високо ниво меѓу Белград и Приштина, кој исто така, се одвива на охрабрувачки начин, многу тежок но охрабрувачки. На Западниот Балкан сега му е потребно Европската Унија да биде конзинстентна и да испорача – рече Могерини.
Г-ѓо Захариева, вашиот македонски колега вети македонски домати за сите што ќе гласаат за Македонија. Очекуваме ли утре овде многу македонски домати?
– Тоа беше разговор помеѓу мене и него кога бевме во Скопје за фестивалот што се одржа. И јас му раскажав случка – кога Германците не поддржаа да бидеме домаќини на еден важен форум, им испратив домати во германското министерство, зашто најубавите домати се од нашиот регион. Така што, претпоставувам, дека тоа е и „намигнување“ кон Бугарија и кон бугарската поддршка што ја добиваат.
Имаме уште работа за да убедиме дел од државите што се скептични. Така што, позицијата на Македонија е посилна од таа на Албанија, но ние ќе предложиме и за двете држави. Вечер ќе продолжат амбасадорите во КОРЕПЕР, знаете колку напори вложи и нашиот премиер, разговараше и вчера со претседателот Макрон, ја искористи средбата за мигрантите, заедно со премиерот Ципрас и со канцеларката Меркел. Но, имаме уште работа за да ги убедиме сите, но одлуката на Советот не значи автоматски и веднаш почеток, има многу подготвителна работа што треба да ја завршат експертите во Комисијата, како на пример, рамката за преговори. Така што,тоа нема да се случи веднаш. Сите грижи што ги имаат некои држави, ќе можат да се одговорат во тој период.
Кои се државите што треба да бидат убедени?
– Оние што се традиционално скептични. Мислам дека треба да работиме уште многу за да ја убедиме Франција. Инаку, никој не е против, во прашање е тајмингот. Така што, ги вложуваме сите сили, и не само Бугарија, туку, потенцирам, сите држави, со мали исклучоци, поддржуваат носење одлука утре – рече Захариева.
– Штотуку имавме појадок со албанскиот министер за надворешни работи, би рекла, јас како австриски министер за надворешни работи не може да зборувам во името на сите мои 27 колеги. Но, според нашето видување, не е прашање на великодушност туку е прашање на логика. На Албанија и на Македонија, Северна Македонија, ако смеам да се изразам правилно, сега новото име на државата така гласи, им беа испорачани одредени барања и им беше кажано, ако бидат исполнети тие и тие критериуми, на пример, во однос на Македонија, на Северна Македонија, ако се постигне решение во спорот со името – тогаш…, ако во Албанија се спроведат тие и тие правни реформи, подобрување на правната администрација – тогаш… Мислам дека, едноставно, поради нашиот сопствен кредибилитет мораме да ги употребиме овие механизми. И во однос на тоа, Комисијата, Федерика Могерини, ја има поддршката од Австрија – рече австриската министерка за надворешни работи на ЕУ, Карин Кнајсл.
Официјално, не се зборува за шансите притисокот врз Франција да успее ниту за потенцијалните компромисни варијанти.. Она што неофицијално може да се дознае од добро упатени извори е дека една од опциите, можеби најконкретната, е да биде одреден датум за првата меѓувладина конференција, што де факто значи и почеток на преговори, по изборите за Европскиот парламент закажани за мај в година.. Се оперира со јуни следната година.. Друга опција е да се донесе политичка одлука за почеток на преговори, а одредувањето на датумот за првата меѓувладина конференција да зависи од напредокот во реформите и од нов меѓуизвештај на Европската комисија.. Нашите извори велат дека иако втората варијанта може да се чини помалку примамлива, не е така – зашто според толкувањата, таа формула и дава шанса на комисијата да излезе со меѓуизвештај кога ќе процени дека треба да го направи тоа, што би можело да доведе до одредување датум, оптимистички дури и во декември..
И додека е неизвесно што ќе се случува на планот на ЕУ, состојбата е многу поизвесна кога станува збор за НАТО.. Генералниот секретар на алијансата Јенс Столтенберг, кој дојде во Луксембург примарно за разговорите за поголема соработка на НАТО со ЕУ, на моето и прашањата на колегите повтори дека „се надева“ оти на самитот во јули Македонија ќе добие зелено светло да го почне пристапниот процес.. Но, направи и јасна разлика што ќе треба да се случи за тој процес да заврши со членство..
– Одлуката ќе биде донесена од шефовите на држави и влади на нашиот Самит во јули, но јас очекувам и се надевам дека шефовите на држави и влади можат да се согласат за почеток на пристапните преговори. Потоа, ќе бидеме во можност да ја поканиме ПЈР Македонија да стане полноправна членка ако договорот е финализиран и целосно спроведен, што значи дека е потребна целосна ратификација, но исто така и референдумот и глас „ЗА“ на референдумот. Со претпоставка дека тоа ќе се случи, јас сум оптимист. Сметам дека станува збор за две одделни одлуки за почеток на пристапните преговори со НАТО и со ЕУ, не е мое да коментирам што ќе одлучи ЕУ, но прилично сум оптимист за НАТО, особено што како НАТО повторувавме дека ќе ја поканиме ПЈР Македонија да стане членка веднаш штом се реши прашањето за името – рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Има ли некаква резервираност за помеѓу земјите-членки на НАТО и има ли свесност за опасноста ако Македонија не биде поканета?
– Ако ПЈР Македонија го финализира и спроведе Договорот заедно со глас „ЗА“ на референдумот, тогаш НАТО ќе ја покани земјата да стане полноправна членка, тоа го имаме изјавено повеќе пати. Ова е историски договор кој овозможува историска можност за ПЈР Македонија да стане полноправна членка на НАТО и навистина ги поттикнувам луѓето на земја да ја зграпчат можноста и да го поддржат договорот. Ако договорот не биде поддржан тогаш не гледам како би било можно во догледна иднина да ја поканиме земјата да стане членка, така што ова е можност што се укажува еднаш и мора да се зграпчи. Многу би сакал да и’ посакам добредојде на земјата како полноправна членка на НАТО и оттука цврсто го поддржувам договорот – рече Столтенберг.
Ако официјален Париз не се премисли во следните 12 часа, тогаш одлуката за тоа дали Македонија ќе стартува преговори за пристап кон ЕУ и кога – ќе се одложи за четврток и петок за кога е закажан самитот на лидерите на земјите членки на Европската Унија во брисел..
Од Луксембург, за 360 Степени, Александар Димитриевски.
Напишете коментар