За предлозите што ги даде Комисијата за заразни болести ќе се расправа на наредната владина седница откако вчерашната беше одложена поради автобуската несреќа во Бугарија
Одлуката за предлог-мерките за невакцинираните, за кои требаше да се расправа вчера, се одложува за наредната владина седница поради вчерашната тешка сообраќајна несреќа во Бугарија во која загинаа 45 наши државјани.
Со предлог-мерките на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, се предвидува сите вработени во јавниот сектор, локалната самоуправа и сите институции за одење на работното место да покажат потврда за примена најмалку една доза вакцина против ковид-19 или да имаат негативен ПЦР-тест кој важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок. Оние што го прележале вирусот ќе треба да приложат потврда за прележан ковид во изминатите 45 дена, а доколку не можат да примат вакцина ќе треба да имаат потврда од лекар специјалист. Мерките треба да стапат во сила 10 дена откако ќе ги усвои Владата, за граѓаните да имаат време да се вакцинираат и 30 дена за здравствените работници кои се уште не се вакцинирале.
На средба со министерот за здравство Венко Филипче, синдикатите на работници побараа два платени слободни дена по вакцинацијата, а за оние што не сакаат да се вакцинираат ПЦР-тестирањето да биде на трошок на работодавачот. Покрај тоа, побараа рокот кога ќе започнат да важат мерките да биде продолжен на 15 наместо на 10 дена.
Од Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), пак, сметаат дека донесувањето на евентуалната одлука трошоците за ПЦР тестовите да паднат на нивен грб е неприфатлива во услови на бесплатна вакцинација. Оттаму предлагаат Владата да преземе други мерки со кои работниците би се стимулирале да се вакцинираат како на пример исплата на еднократна парична награда за вакцинираните работници, слободен ден за секој вакциниран, бесплатен превоз за вакцинација во Србија.
Од Стопанската комора на Северна Македонија пак, апелираат доколку се усвојат предлог мерките, државата да овозможи контрола на движење на цените, односно да ја определи највисоката цена на брзите антигенски тестови за работниците да немаат големи трошоци. Според Комората, трошокот за тестовите не смее да падне на товар на компаниите.
„Ако работникот одлучи да се вакцинира, ќе нема никакви трошоци. Во спротивно, ќе треба задолжително да се тестира, но со брзи тестови, а не со ПЦР кој е 10 пати поскап. Ова никако не значи задолжително вакцинирање, ниту каков било притисок во таа насока, туку само задолжително брзо тестирање што е вид превентива. Ако некој не смее да се вакцинира поради здравствената состојба, нема да подлежи ниту на тестирање. Ќе ги почитува само мерките.“
рече вчера потпретседателката на Комората, Анета Трајковска
Како што објасни Трајковска, ако работодавачот се одлучи за самотестирање, клучно е трошокот да падне исклучиво на товар на работникот зашто „секој друг трошок на товар на компанијата е непродуктивен и нема да даде ефект во смисла на зголемување на бројот на вакцинирани“.