Предметот се однесува на продажба на градежно земјиште за изградба на резиденцијалната населба Сончев Град во Сопиште, а обвинети се ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште пет лица
Судското рочиште за случајот „Топлик“, на кое требаше да се почне со давање завршни зборови, се одложи бидејќи еден од обвинетите од 5 февруари е позитивен на коронавирус и се наоѓа во изолација.
Ова судско рочиште првично беше закажано за вчера, но се помести за денеска бидејќи вчера првообвинетиот, ексминистерот Миле Јанакиески, беше во изолација од која излезе денеска.
Следното судско рочиште за завршни зборови судијата Осман Шабани го закажа за наредната недела на 16 февруари.
Во случајот „Топлик“, во кој заедно со ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, обвинети се уште пет лица од Министерството кои биле членови на комисијата за јавни наддавања. Сите се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувања. Предметот се однесува на продажба на градежно земјиште за изградба на резиденцијалната населба Сончев Град во Сопиште. Во обвинението, кое своевремено го подигна Специјалното јавно обвинителство (СЈО), се тврди дека Јанакиески од првичната комисија за јавни наддавања добил записник дека не се исполнети условите за објава на јавното наддавање, но тоа го игнорирал, составил нова комисија од сега обвинетите и побарал сепак да ја објават постапката за наддавање. Членовите на новофирмираната комисија, тврди Обвинителството, иако знаеле дека не се целосно обезбедени податоците за градежното земјиште го реализирале тоа. Потоа бил потпишан и договор со трговско друштво кое го купило земјиштето, но тој договор, според Обвинителството, не можел да се реализира поради проблеми со катастарските парцели. Од тие причини договорот за купопродажба на земјиштето бил раскинат, а Министерството ги вратило парите и отплатило затезна камата.
Фото: МИА