Ние ги земаме жешките костени в раце, а вие се радувате на секоја можна изгореница, им се обрати вицепремиерот за европски прашања на опозициските пратеници на почетокот на расправата за интерпелацијата против него
За што ме обвинувате? Зашто не испорачав преговори по секоја цена? По цена на македонскиот јазик? Дали можеби тоа го сакавте? За да можете да ја продавате тезата за предавство на националните интереси…
Со вакви прашања, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров им одговори денеска на опозициските пратеници, во однос на една од причините што тие ги посочија како основа за интерпелацијата поднесена против него.
Расправата за интерпелацијата почна околу пладне, а ќе заврши најдоцна до полноќ.
Димитров во одговорот од собраниската говорница во траење од 20 минути се осврна поединечно на секоја од причините што ги наведе ВМРО-ДПМНЕ во барањето за негова одговорност.
За почетокот на преговорите со ЕУ
За наводите дека е одговорен затоа што земјава сѐ уште не ги почна преговорите со ЕУ, Димитров рече дека се врв на апсурдот.
„Втората причина наведена во ова небулозно писмо е врв на апсурдот. И ако на првите две интерпелации им пристапив со должна сериозност, на оваа третава не можам, а да не ѝ пријдам со индигнација. Токму затоа и не одговорив написмено. За што ме обвинувате? Што не испорачав преговори по секоја цена? По цена на македонскиот јазик? Дали, дами и господа, можеби тоа го сакавте? За да можете да ја продавате тезата за предавство на националните интереси? Оти вака таа теза не поминува. Тоа го барате од мене? Веднаш да ви кажам – тоа никогаш нема да го испорачам. Среќа не се сетивте да ѝ поднесете и на ЕК интерпелација за тоа како се дрзнале на оваа влада да ѝ дадат безусловна препорака или, пак, на Европскиот совет за зеленото светло за почеток на преговорите. Бидејќи за нивните зборови и одлуки се работи“,
рече Димитров.
Тој рече дека европските лидери и САД во еден глас го оценија како инспирација за целиот регион и голем чекор кон ЕУ за нашата земја Договорот за добрососедство со Софија. Во март 2020, потсети, Европскиот совет ни даде безусловно зелено светло за почеток на пристапни преговори. Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, притоа кажа дека ЕУ ги исполнува своите ветувања, за во септември во годишното обраќање до ЕП да додаде: одлуката беше историски чекор. Во ноември, по клучниот Совет за општи работи со кој претседаваше германскиот министер за Европа, Михаел Рот, изрази огромна разочараност од бугарската блокада, дека тоа е горчлив удар за европските политики кон Балканот и дека сите земји членки освен Бугарија ја поддржале преговарачката рамка за Северна Македонија.
„И сега, кој кого манипулира? Јас, кој доследно ги презентирам наодите од ЕУ, секогаш до детали прецизен за квалификациите и околу одлуките и заклучоците и оценките на извештаите, акцентирајќи ги и областите што треба да ги унапредуваме, или вие со очигледно елементарно непознавање на процесите, но со неизмерна желба за лоши вести за земјава и – еве уште едно признание за вас – со беспрекорна умешност да бидете први во лажното известување на јавноста за некаков си имагинативен пораз, за кој ги каните на заедничка прослава. Ние ги земаме жешките костени в раце, вие се радувате на секоја можна изгореница“,
рече Димитров од собраниската говорница.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ на овој начин бара излез од „внатрепартискиот хаос преку рушење на оваа влада и тоа за позиции или одлуки на други држави или меѓународни организации“.
„Едвај чекате лоши вести, а кога ги нема, ги измислувате. Малку ви беа демантите од Луксембург, си рековте дајте да ги мобилизираме и Данска и Холандија, со алузија дека дискретно го поддржувале ветото на Софија. За одлуките на трети држави виновна е македонската Влада, но, ако случајно има добра вест однадвор, заслужни сте биле вие. Па и тоа како да не беше доволно за пасионираните колекционери на деманти на вашите зборови, најдовте начин како и Словачка и Чешка да ве прозиваат дека вие, ама баш никако не сте придонеле за нивната одлука да застанат на страната на европските принципи. Небаре демантите од земјите членки ви се ордени кои ги закачувате во белата палата, а не документиран резил од кој секој би се срамел“,
рече вицепремиерот.
За отчетноста кон парламентот
Во однос на обвинувањата за нетранспарентност и избегнување на Комисијата за надворешни работи, Димитров рече дека е лага дека бил уредно поканет на седницата на Комисијата за надворешни работи.
„И покрај тоа што немам обврска, јас апсолутно не одбив учество. Мојот кабинет веднаш стапи во контакт со соодветните служби за да ја потврди мојата подготвеност за онлајн учество, и покрај фактот дека од моментот на пристигнувањето на поканата до почетокот на седницата немаше ниту 24 часа. Повторувам: поканата за учество на комисијата, во двата наврата, пристигна попладне, за присуство утредента наутро. Значи, не со заемен договор, не со најава од 8 дена, како што е стандардна практика, не со најава од три дена, не со најава од 24 часа, туку со најава од помалку од 16 часа пред почетокот на собраниската комисија. Во тој рок ниту може да се разгледа агенда, ниту да се подготват анализи, ниту материјали за седницата, да не зборуваме за фактот за чистиот аматеризам во постапката: претседателот на комисијата. Замислете, не може да организира ни покана навремено да достави, односно целосно потфрла во својата работа, а очекува министрите да му се на располагање во секое време да учествуваат во таков панаѓур на некомпетентност. Значи, тука очигледно е дека намерата не била да се одржи суштествена дебата, туку да се купат неколку минути и редови евтина медиумска кампања“,
рече Димитров.
За активностите на СЕП
Третата небулоза, како што рече вицепремиерот, се однесува на наводната пасивност на СЕП. Тој посочи дека за да се критикува една институција постојат два основни предуслови: да имате елементарно познавање од тоа што таа институција работи и да можете да идентификувате барем еден проект кој, според вас, споменатата институција би требало да го сработи, а не го работи.
„Вие немате абер ни од првото ни од второто. Еве, да ве прашам: кажете еден проект што СЕП требало, според вас, да го спроведе, а не го спровела. СЕП не е министерство, па со тоа нема свое автохтоно портфолио на проекти, туку координира проекти во другите институции, согласно член 40-б, став 2 од Законот за Владата: ги координира подготовките за членство во ЕУ, процесот на подготовка на македонската верзија на правото на ЕУ и ја координира странската помош. Значи, координација, координација, координација. Се прашувам дали е можно да имате такво елементарно непознавање, па ова го сметате како главен аргумент или повторно свесно ја манипулирате јавноста и сеете дезинформации“,
нагласи Димитров.
Тој наброи и неколку активности на кои е фокусиран моментно СЕП:
- Северна Македонија првпат по две децении обиди има позитивна политичка одлука и нацрт-преговарачка рамка. Подготвивме сеопфатна реформска агенда, која е план за европеизација и согласно рамката од „Акција 21“ содржи клучни реформски приоритети, идентификувани во соработка со ЕК, како демократија, владеење на правото, управување со јавни финансии, реформа на јавната администрација, но и конкретни поглавја од европското законодавство кои се приоритетни за нашите граѓани како животна средина, енергетика, транспорт, заштита на јавно здравје и потрошувачи, политика на конкуренција, дигитализација. За секој приоритет идентификувавме активности, надлежни институции и динамика на реализација за да обезбедиме спроведување на овој план со кој ќе си ја донесеме Европа дома. Со ова, ние реформите од преговорите веќе ги почнуваме.
- Во полето на приспособување на правото на ЕУ, кој е наш втор столб, подготвивме детална анализа на наодите и препораките од Извештајот за секое поглавје и подрачје поединечно. Врз база на оваа анализа, надополнета со над 3 600 правни акти на ЕУ, ја координиравме работата на 400 административни службеници од сите органи на државната управа, и изготвивме ажурирана Национална програма за усвојување на правото на ЕУ, која веќе овој месец, првпат од 2017 година, и формално ќе биде усвоена од страна на Владата. Тоа е капитален проект, кој содржи (1) клучен стратегиски и програмски водич за усогласување на националното законодавство со европското право, како и план за (2) приспособување на националните институции кон европските, што е основа за билатералниот скрининг и преговорите со ЕУ.
- Првпат по 10 години, една цела деценија, го оживеавме проектот за превод на правото на ЕУ на македонски јазик. Тоа што овој проект сте го баталиле во 2009, а ние сега во јануари го активиравме повторно, најдобро зборува за тоа колку и како сте го негувале македонскиот јазик. За волја на вистината, вие не успеавте ни македонскиот јазик да го вратите во официјален документ на ЕУ: македонскиот јазик исчезна од документите уште во далечната 2006, за да се врати лани во нацрт-рамката. Сега, кога тој ќе ужива статус на еднаков и официјален јазик на ЕУ, ние преведуваме 160 000 страници европско право на македонски јазик. Преводот на acquis е најзначајниот и најобемниот проект воопшто реализиран во историјата на специјализираниот превод. Тоа е проектот кој овозможува македонскиот јазик да биде на еднакво рамниште со сите други јазици во Унијата, а ќе претставува капитален чекор во приближувањето на нашата правна рамка кон стандардите на ЕУ.
- Во последниот период, 300 службеници координирани од СЕП, неколку месеци работеа на програмирањето на европската претпристапна помош за периодот до 2027 година (ИПА 3). Зборуваме за над 200 милиони евра само за 2021 и 2022 година. По проценката на релевантноста спроведена од страна на службите на Европската комисија, сите предложени проекти преминаа во следната, втора фаза на проценка на зрелоста. Значи сме ги сработиле добро!
- Во октомври 2020 година беше најавен Европскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан. Се работи за амбициозен план на ЕУ од средствата од ИПА 3 (кои сега се движат околу 14 милијарди за периодот 2021-2027) да се искористат 9 милијарди за спроведување на овој план преку поддршка на инфраструктурни проекти во регионот. Овие 9 милијарди можат да привлечат уште 20 милијарди од меѓународни финансиски институции.
- СЕП првпат по 2018 година ја ревидираше Единствената листа на проекти, го организираше Националниот инвестициски комитет на кој под претседателство на премиерот, министрите ги презентираа пред донаторите и меѓународните финансиски институции своите приоритетни инфраструктурни проекти. Токму од оваа листа на проекти кои се рангирани според зрелост и приоритетност ќе се бараат грантови со што би се намалило задолжувањето на државата во услови на лимитиран фискален простор и контрола врз јавниот долг. Првите повици од оваа рамка се во тек а Владата ги подготвува апликациите за техничка помош и инвестициски грантови…