Во дополнителни шест града ќе започне вакцинацијата против ковид во вторник следната недела, со што се очекува да се овозможи вакцинација на околу 10 илјади граѓани дневно.
Како што информира министерот за здравство Венко Филипче, со отворањето на дополнителните пунктови ќе се намали метежот на пунктовите во Скопје.
„Веќе во понеделник насекаде ќе бидат дистрибуирани кинеските вакцини согласно бројот на пријавени граѓани. Се очекува во Тетово, Куманово, Штип, Кавадарци, Битола и Охрид да започне вакцинирањето. Мислам дека ќе биде систем којшто ќе овозможи и над 10 илјади граѓани дневно да се вакцинираат и воопшто да нема никакви метежи“,
изјави Филипче одговарајќи на новинарско прашање по настан за донација од Словачка за Клиниката за детски болести.
Министерот за здравство дополни дека досега вкупно се вакцинирани околу 60 илјади граѓани, а во таа бројка се и постарите лица над 70 години и вработените во критичната инфраструктура.
„Според нашите пресметки, нешто под 20 проценти, околу 18 проценти, се вакцинирани лицата над 70 години од вкупната бројка на граѓани над 70 години во земјава“,
рече Филипче.