Од МВР објаснуваат дека евентуално појавување на македонски ај-пи адреси во наводен напад не мора да значи дека изворно потекнуваат од Северна Македонија

Министерството за внатрешни работи (МВР) од властите во Венецуела не добило барања или информации за понатамошни проверки, велат од МВР откако медиумите објавија дека за време на изборите во Венецуела се случил хакерски напад од ај-пи адреси во Северна Македонија.
Сепак од МВР велат дека Секторот за компјутерски криминал ги следи случувањата.
„Во врска со објавите за наводни изјави од страна на властите во Венецуела дека за време на изборите кои биле одржани на 28.07.2024 г. се случиле наводни хакерски, Ddos напади од корисници на македонски ај-пи адреси, Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека Секторот за компјутерски криминал ги следи случувањата во однос на наводните обвинувања кон македонски државјани и исто така наведуваме дека досега не се пристигнати никакви барања или информации во однос на горенаведеното од страна на властите во Венецуела за понатамошни проверки од наша страна“,
соопшти МВР.
Од МВР објаснуваат дека евентуално појавување на македонски ај-пи адреси во наводен напад не мора да значи дека изворно потекнуваат од Северна Македонија.
„По досегашното искуство може да информираме дека постои голема веројатност истите да користат ВПН (Виртуални приватни мрежи) или, пак, да се дел од поголема BotNet мрежа, односно да потекнуваат од таканаречени инфицирани зомби компјутери, кои се компромитирани од страна на хакери преку компјутерски вируси или малициозен софтвер и истите можат да извршат зададени задачи далечински управувани од поединци или група на потенцијални хакери“,
велат од МВР.
МВР дополнува дека најчесто жртви на ваквите зомби компјутери се лица кои не знаат дека нивните компјутерски системи се инфицирани со малициозен софтвер и без нивно знаење и согласност се вршат напади кои претставуваат злонамерен обид да се наруши нормалниот интернет сообраќај на зададениот сервер, сервис или мрежа за пристап до одредена цел во еден ист момент за нејзино блокирање и преоптоварување.
Инаку, опозициските лидери и странските набљудувачи вчера ги повикаат властите во Венецуела да ги објават деталите за изборните резултати кои според сите предизборни истражување на јавното мислење се неверојатни. Националната изборна комисија на Венецуела објави дека претседателот Николас Мадуро освоил трет мандат со 51% од гласовите, но без да презентира официјални податоци.
Оправдувањето за отсуството на податоци беше побарано во Северна Македонија. Државниот обвинител на Венецуела, Тарек Саб информираше дека од ај-пи адреси во Северна Македонија е извршен кибер-напад врз електронскиот систем кој го забавил пребројувањето на гласовите на претседателските избори.
Информацијата за вмешување од Северна Македонија ја сподели и актуелниот претседател Николас Мадуро кој изјави дека тамошните власти точно знаат од каде е дојден нападот бидејќи хакерите оставиле трага.