Билетите за претстојниот натпревар на македонската фудбалска репрезентација против актуелниот европски првак Италија ќе се продаваат по цена од 300 и 500 денари и тоа исклучиво преку продажната мрежа на „МК тикетс“
Од утре почнува продажбата на влезници за претстојниот натпревар на македонската фудбалска репрезентација против актуелниот европски првак Италија во Скопје. Билетите ќе се продаваат по цена од 300 и 500 денари, објави Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Продажбата на билетите, како што велат од ФФМ ќе биде исклучиво преку продажната мрежа на „МК тикетс“ со физичко присуство на купувачите.
Натпреварот се игра на 9 септември со почеток од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“. Гостувањето на Италија во Скопје е во рамки на квалификациската група Ц за ЕУРО 2024 во која македонската репрезентација е на претпоследното, четврто, место со три бодови од исто толку натпревари.