Лебот, брашното, јајцата, млекото, оризот, шеќерот, месото и сончогледовото масло од утре мора да се продаваат со нула отсто ДДВ
Маркетите најдоцна до утре (17 март 2022) мора да ги прилагодат фискалните апарати и да ги продаваат основните прехранбени производи со нула отсто ДДВ, порачаа попладнево од Управата за јавни приходи (УЈП).
„Ова значи дека сите продажни објекти кои ги продаваат погоре споменатите производи при малопродажба, потребно е да издаваат фискална сметка со даночна стапка од 0%, односно со ознака ’Г‘ за добра и услуги кои се ослободени од данокот на додадена вредност“,
велат од УЈП.
Производите за кои од утре мора да се применува нула проценти ДДВ се: леб; брашно тип-400; млеко со масленост од 2%, 3,2% и 3,5% масленост; бел шеќер, сончогледово масло; месо и други кланични производи за јадење; бел ориз; и јајца.
Мерката стапува на сила од утре, а ќе важи до 31 мај годинава.
Таа е дел од пакетот антикризни мерки кои ги подготви Владата, а ги изгласаа во Собранието, со цел полесно справување со ценовната криза.