Ова за МИА денеска го соопштиле од Министерството за економија во пресрет на престанокот на одлуката на Владата, според која трговските маржи на основните прехранбени производи се замрзнати до 30 јуни
Министерството за економија ја следи состојбата со цените на суровините и енергенсите на светските берзи кои ги диктираат условите и потребата од продолжување на мерката за ограничување на трговските маржи за основните прехранбени производи и доколку е потребно мерката ќе биде продолжена.
Ова за МИА денеска го соопштиле од Економија во пресрет на престанокот на одлуката на Владата, според која трговските маржи на основните прехранбени производи се замрзнати до 30 јуни.
„Со оглед дека на пазарот имаме стабилизирање на домашните цени кои се резултат на стабилизирање на берзанските цени на суровинските компоненти од увоз и цените на електричната енергија, цениме дека по завршување на рокот на примена на одлуката на трговските маржи, домашните цени треба да продожат да се утврдуваат според пазарни услови. Долгорочна примена на трговски маржи во услови кога не постои неизвесност на перманентен раст на берзанските цени може да доведе до спротивен ефект на пазарните услови поради наметнување на државна контрола на цените и намалување на конкурентноста кога не сe објективни причините за тоа“,
велат од Министерството за економија.

Сепак, доколку пазарот оцени дека треба да има продолжување на рокот на одлуката, тоа и ќе се спроведе.
Владата на крајот на април одлучи да го продолжи ограничувањето на трговските маржи за основните прехранбени производи до 30 јуни. Со одлуката највисоката трговска маржа за леб бел, бел шеќер и сончогледово масло за јадење се утврди во висина до 5 проценти во трговијата на големо и до 5 проценти во трговијата на мало.
Највисоката трговска маржа за брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски ориз бел, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, јајца од кокошка, урда, кравјо бело сирење и мешано бело сирење, кашкавал, кисело млеко и павлака и јогурт се утврдува во висина до 10 проценти во трговијата на големо и мало.
