СДСМ има 68 кандидати за градоначалници, но само 5 од нив или 7,35 проценти се жени, додека кај ВМРО-ДПМНЕ овој процентот е уште помал, односно изнесува 4,84, затоа што опозициската партија има само три кандидатки од вкупно 62 претенденти за градоначалничка функција
Само 26 жени се пријавиле за учество во градоначалничката трка на претстојните локални избори, а на 25 им се потврдени кандидатурите за 80 општини во земјава плус Градот Скопје, за што има вкупно 298 кандидати. Според статистичките анализи на Државната изборна комисија, 8,72 проценти од кандидатите за градоначалници се жени, наспроти 272 или 91,28 кандидати од машки пол.
Според анализата што ја направи „360 степени“ врз основа на статистичките податоци од ДИК, најголемите партии, со најмногу градоначалнички кандидати, всушност, имаат помал процент на кандидатки за предводнички на општините. СДСМ има 68 кандидати за градоначалници, но само 5 од нив или 7,35 проценти се жени. Кај ВМРО-ДПМНЕ овој процентот е уште помал, односно изнесува 4,84, затоа што опозициската партија има само три кандидатки од вкупно 62 претенденти за градоначалничка функција.
Од 19 кандидати на ДУИ, 5,26 проценти се од женски пол. Поточно тој процент е постигнат со единствената кандидатка Теута Арифи за Тетово. Само една кандидатка има и ДПА, но од вкупно 14 кандидати за градоначалници.
Кај Беса и кај Алијанса за Албанците/Алтернатива, пак, воопшто нема жени во градоначалничката трка, во која партијата на Билал Касами влегува со кандидати во 11 општини, додека коалицијата на Зијадин Села и на Африм Гаши има кандидати за 15 општини.
Процентуално, поголема родова избалансираност има кај Движењето „Одлучно за промени“ на ДОМ и ЛДП, каде што од вкупно 17 кандидати за градоначалници пет се жени. Левица, пак, има две кандидатки од вкупно осум претенденти за градоначалничко место, така што процентуалната застапеност на жените во овој случај е 25 отсто.
Во градоначалничката трка влегуваат и 27 независни кандидати од кои само две или 7,41 проценти се жени.
Сосема поинаква е ситуацијата на советничките листи, што е и очекувано, со оглед на тоа што Изборниот законик предвидува соодветна родова застапеност на пропорционалните листи за советници на локални избори и за пратеници на парламентарни избори. Од 1 131 кандидат за советник во сите 81 единица на локалната самоуправа, 522 или 46,15 отсто се жени.
Кандидатки за градоначалнички има во 17 општини плус за градот Скопје. Од овој аспект, предничи скопската општина Кисела Вода, каде што има три кандидатки за градоначалничка – од ДОМ/ЛДП, од Левица и од ТМОРО. Во оваа општина имаше и четврта претендентка за градоначалничка (од Интегра), ама нејзината кандидатура не е потврдена. Со тоа, Кисела Вода е една од ретките, ако не и единствена општина во која има повеќе кандидатки од кандидати за градоначалник. Поточно, кандидати за градоначалник од машки пол имаат само СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Сумирано, од сите кандидати за претстојните избори, на кои се учествуваат над 10 илјади претенденти за градоначалничка или за советничка функција, 44,03 отсто се жени.
Кои се кандидатките за градоначалнички
Кисела Вода:
- Ѓулистана Марковска – Кисела Вода (Движење Одлучно за промени – ДОМ и ЛДП)
- Јулијана Штрковска-Колариќ (Левица)
- Росанда Марковска (ТМРО)
Аеродром:
- Билјана Аврамоска-Ѓореска (Движење Одлучно за промени – ДОМ и ЛДП)
- Весна Караџиева (Левица)
Град Скопје:
- Данела Арсовска (Независна, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ)
- Ана Петровска (Независна – Зелен хуман град)
Центар:
- Силва Јовановска (Родина Македонија)
- Наташа Котлар-Трајкова (ВМРО-ДПМНЕ)
Тетово:
- Теута Арифи (ДУИ)
- Снежана Стојановска(Интегра)
Могила:
- Јасмина Гулевска (СДСМ)
- Ангела Чагорска (Македонска ера трета – Македонски независни листи)
Гостивар:
- Рената Елези (ДПА)
Куманово:
- Теодора Димитровска (Движење Одлучно за промени – ДОМ и ЛДП)
Зелениково:
- Катерина Ѓорѓиевска (Движење Одлучно за промени – ДОМ и ЛДП)
Ресен:
- Весна Миркова (Движење Одлучно за промени – ДОМ и ЛДП)
Арачиново:
- Меликије Халими (СДСМ)
Македонска Каменица:
- Соња Стаменкова (СДСМ)
Петровец:
- Елизабета Зеленикова (СДСМ)
Старо Нагоричане:
- Жаклина Јовановска (СДСМ)
Берово:
- Енеонора Рашковска (ВМРО-ДПМНЕ)
Крушево:
- Билјана Проеска (ВМРО-ДПМНЕ)
Гази Баба:
- Катерина Јовановска-Ивановска (ТМРО)
Ресен:
- Гордана Поповска (Македонска ера трета – Македонски независни листи)