Тој посочи дека повеќето хируршки сали во Клиничкиот центар се во функција и изрази надеж дека на идната владина седница ќе има предлог како што побргу да се реши проблемот со компресорите
Од понеделник ќе почнеме со нови назначувања директори на клиники, се надевам дека до крајот на идната недела ќе бидат разрешени сите економски директори, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари по средбата со американската амбасадорка Анџела Агелер.
Како што рече Таравари, Владата планира Клиничката центар да се спои во рок од една година и дека ќе се работи на децентрализација на здравството.
„Ќе дадеме повеќе фокус на јавното здравство. Тринаесет економски директори се веќе разрешени, а ќе продолжиме и во идниот период да ги разрешиме и другите. Сите по клиники не ги паметам, меѓутоа, можеби до крајот на идната недела ќе бидат сите. Назначувања нема освен Онкологија, Токсикологија за тоа што сте информирани. Од понеделник ќе почнеме со нови назначувања. Во меѓувреме, нацрт-законот за измени на Законот за здравствена заштита е направен и е испратен во Владата. Се надевам дека на една од наредните седници идната недела ќе помине и како одлука на Влада дека планираме Клиничката болница да се спои во рок од една година, и дека планираме да работиме на регионализација, односно децентрализација на здравството со цел да се дадат што повеќе здравствени услуги во клиничките болници во Тетово, Штип, Битола, Охрид и Струга“,
рече Таравари.
Тој посочи дека повеќето хируршки сали во Клиничкиот центар се во функција и изрази надеж дека на идната владина седница ќе има предлог како што побргу да се реши проблемот со компресорите.
„На Клинички центар повеќето сали работат. Значи, околу 70-80 отсто работат, меѓутоа, работиме интензивно и се надевам на идната владина седница ќе имаме и предлог како што побргу да се реши проблемот со компресорите во салите на Клиничкиот центар. Нормално, не очекуваме решение кое би било помалку од три-четири месеци. Ќе се обидеме, тоа е оптимален период ако може комплетно да се смени и мрежата и компресорите“,
изјави Таравари одговарајќи на новинарски прашања.
На прашањето дали ќе има одговорност за хируршките клиники и за компресорот, министерот за здравство рече:
„Не е баш така, по информациите што ги добивам, компресорската станица е изградена некаде пред 32-33 години, секои 10 години е сервисирана. Последниот сервис, ако не се лажам, е направен во 2015 година. Сервис морало да се направи на секои 10 години, така што не е дека не е сервисирана, туку проблемот е што се амортизира. Едноставно, одредени работи, по одредено време, веќе не функционираат како што треба“.
Таравари денеска се сретна со американската амбасадорка Анџела Агелер со која, како што информира, разговарале за плановите на Министерството за здравство во идниот период.