Новата регулатива за транспарентност и заштита на изборните процеси го забранува платеното политичко рекламирање во земјите членки на Европската унија, со цел борба против дезинформации и злоупотреба на лични податоци
Компанијата Мета, која е сопственик на социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм и Тридс, целосно ќе го укине политичкото, изборното и општественото огласување на нејзините платформи во земјите од Европската унија. Оваа одлука произлегува од новата регулатива на Европската унија – Уредбата за транспарентност и таргетирање на политичко огласување, која стапува на сила од 10 октомври.
Основната цел на регулативата е да ја зголеми транспарентноста и одговорноста на дигиталните платформи за време на изборни кампањи, како и да се бори против дезинформации и надворешни влијанија врз изборните процеси. Регулативата предвидува задолжително означување на политичките огласи, со јасни податоци за спонзорот, износите и конкретните избори на кои се однесуваат. Податоците за огласите ќе биде потребно да се чуваат во јавно достапна база. Таргетирањето на политичките огласи ќе биде дозволено само под строго контролирани услови и со изречна согласност од корисниците. За прекршување на овие одредби се предвидуваат казни и до 6% од годишните приходи на компаниите.

Компанијата Мета објави дека новата регулатива наметнува значителни оперативни предизвици и правна несигурност, поради што смета дека имплементацијата е практично невозможна во актуелната форма. Мета изрази жалење за оваа одлука, нагласувајќи дека онлајн политичкото рекламирање е клучен дел од демократскиот процес, овозможувајќи им на граѓаните полесно да се информираат и да остваруваат комуникација со кандидатите. Слична одлука минатата година донесе и Гугл, поради истите тешкотии околу почитувањето на регулативата.
Забраната значи дека политичарите, кандидатите и партиите повеќе нема да можат платено да ги промовираат своите содржини преку овие дигитални платформи. Тие ќе имаат пристап до јавноста единствено преку органски, неплатени објави и дебати. Ограничувањето се однесува само на земјите членки на Европската унија.
Брисел се реши на ваков чекор откако последните години се зголеми бројот на дезинформации, особено на интернет, со цел да се заштити интегритетот на изборите и политичките процеси. Скандалите со злоупотреба на податоци и микро-таргетирање во минатото покажаа колку силно дигиталните огласи можат да влијаат врз јавното мислење.
Новата регулатива става акцент на заштита на личните податоци, правото на точни информации и спречување на странско финансирање на политички кампањи. Оваа одлука ќе внесе длабоки промени во дигиталната политичка комуникација во Европа и отвара прашања за иднината на демократските процеси, балансот помеѓу транспарентноста, приватноста и технолошкиот развој.