Според Бислимоски, доколку од 1 јули се врати ДДВ за струјата од 10 на 18 отсто, тоа ќе значи зголемување за 2,5 отсто на крајната сметка што ја плаќаат домаќинствата со просечна потрошувачка. Ако, пак, остане ДДВ на 10 отсто, тоа ќе значи намалување на крајната сметка за 4,26 отсто. Според него, од 1 декември со стартот на дневната евтина тарифа ќе следува линеарно намалување на сметките за пет отсто

Од 1 јули вкупната цена на електричната енергија, со вкалкулирана енергија и мрежарина, во првиот и вториот блок ќе има намалување, додека во третиот и четвртиот блок ќе има зголемување, најави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.
„Вкупната цена на електричната енергија во првиот блок, со вкалкулирана енергија и мрежарина, се намалува за 7,04 отсто, а во вториот блок за 4,09 отсто. Цена на електричната енергија во третиот блок со вкалкулирана енергија и мрежарина се зголемува за 2,54 отсто и во четвртиот блок за 2,42 отсто. Цените на електричната енергија во евтината тарифа остануваат речиси идентични, додека кај малите потрошувачи заради заокружувањето има промена, односно минимално зголемување од 0,38 отсто“,
рече денеска Бислимоски.
Според Бислимоски, доколку од 1 јули се врати ДДВ за струјата од 10 на 18 отсто, тоа ќе значи зголемување за 2,5 отсто на крајната сметка што ја плаќаат домаќинствата со просечна потрошувачка. Ако, пак, остане ДДВ на 10 отсто, тоа ќе значи намалување на крајната сметка за 4,26 отсто. Според него, од 1 декември со стартот на дневната евтина тарифа ќе следува линеарно намалување за пет отсто на сметките.
„РКЕ носи одлуки за цени и тарифи за електричната енергија без ДДВ. Во апсолутен износ, ДДВ влијае седум отсто. За едно просечно домаќинство со просечна потрошувачка намалувањето на цената на струја без ДДВ е 4,26 отсто, а влијанието заради ДДВ, во вкупниот трошок со ДДВ е 2,5 проценти. Се обидовме да бидеме максимално креативни и да го ублажиме зголемувањето на ДДВ кое од 7,2 проценти го сведовме на 2,5 отсто како вкупен трошок“,
рече Бислимоски.
Тој нагласи дека ова е втора последователна одлука на РКЕ со која цените на електрична енергија без ДДВ се намалуваат за домаќинствата и за малите потрошувачи.
Крајната цена на електричната енергија за малите потрошувачи, како што рече Бислимоски, ќе се зголеми за 0,3 проценти бидејќи ДДВ нема влијание зашто прават поврат на ДДВ.
„Математички пресметано за домаќинствата со вклучено зголемено ДДВ во првиот блок има намалување на цената за 0,28 отсто, во вториот блок има зголемување на цената од 2,88 отсто. Во третиот блок зголемувањето ќе биде од 9,99 отсто, а во четвртиот блок зголемување од 9,87 отсто. Кај домаќинствата со просечна потрошувачка влијанието на зголеменото ДДВ е 2,5 проценти“,
прецизира Бислимоски.
Барањата на компаниите не се прифатени, цените се зголемени во многу помал процент
Бислимоски ги образложи и цените кои се утврдени за компаниите што поднесоа барања за промена. Како што посочи операторот на пазарот на електрична енергија побарал зголемување на цената од 83,83 проценти, а РКЕ одобрил зголемување од 5,2 проценти и таа изнесува 0,009 денари, и тоа има незначително влијание во крајната цена. МЕПСО побарал цената за пренос на електрична енергија да се зголеми за 52 проценти, а РКЕ ја намалила за 17,06 проценти.

„Намалувањето на оваа цена пред се се должи на тоа што се намалија трошоците за загуби кои во втората половина од годината изнесуваа 132 евра за мегават-час, додека во првиот дел од годината изнесуваа 220 евра за мегават-час“,
рече Бислимоски и додаде дека е одземена и добивката од 14 милиони евра што ја остварил МЕПСО од балансирањето.
„Електродистрибуција“, додаде Бислимоски, побара да се зголеми цената за дистрибуција за електрична енергија за 32,17 отсто, а дозволивме зголемување од 2,12 проценти. Во првиот дел од годинава цената за загубите во дистрибуцијата на електрична енергија изнесуваше 110 евра за мегават-час, а во вториот дел од годинава е 100 евра.
„Со тоа мрежарината што ја плаќаат домаќинствата која претставува збир од цената за пренос и за дистрибуција на електричната енергија ќе се намали 2,11 проценти и на тој начин во сметките нема да се плаќа повеќе за мрежарина отколку за потрошена енергија“,
рече Бислимоски.
Цената за снабдување се намалува за 1,77 отсто. Тоа, како што кажа, е благодарение на ЕСМ кое ја намали цената за снабдување од 56 на 53 евра за мегават-час, а исто така ја намали и цената за покривање на загубите во преносниот и дистрибутивниот систем.
Бислимоски очекува до декември „Електродистрибуција“ да ги заврши сите процедури за воведување евтина дневна тарифа и најголем дел од граѓаните да можат да стартуваат со услугата уште на 1 декември. Најави дека ќе инсистираат во наредните година до две „Електродистрибуција“ да ги смени сите постари броила и да постави броила со далечинско отчитување на нивен трошок кој потоа ќе биде вкалкулиран во трошоците што им ги признава РКЕ. Со тоа, сите промени ќе можат веднаш да се имплементираат и ќе нема потреба од рачно приспособување и читање на броилата.
