Еко-свест и Македонското здружение на млади правници ја поздравуваат ревизијата на Државниот завод за искористувањето на водните ресурси за производство на електрична енергија, посочувајќи дека голем број концесии се издадени надвор од правната постапка
Еко-свест и Македонското здружение на млади правници ја поздравуваат ревизијата на Државниот завод за ревизија во врска со искористувањето на водните ресурси за производство на електрична енергија.
„Ние како организации повеќе години реагираме во врска со сериозните прекршувања во постапките за издавање концесии. Голем број од концесиите за малите хидроцентрали се издадени надвор од правната постапка, a се констатираат и серизни прекршувања, што ја доведува во прашање законитоста на нивното постоење. Oчекуваме и бараме да почнат постапки за утврдување на законитоста на постоењето на малите хидроцентрали, но и утврдување на одговорност за ваквото намерно занемарување на сите законски одредби за заштита на нашите реки“,
се наведува во реакција на двете организации.
Посочуваат дека во извршената ревизија на ДЗР за “Експолоатација на водни ресурси при производство на електрична енергија“ е даден целосен преглед на постапката за издавање концесии за мали хидроцентрали и се утврдени сериозни прекршувања.
„Ревизија воочува сериозни прекршувања на постапката за издавање концесии, од подготовката на стратешките документи врз чија основа се издаваат, до моментот на пуштање во употреба на малите хидроцентрали. Стратегиите за развој за енергетиката и за искористување на обновливите извори врз чија основа се издадени најголем дел од концесиите се без стратегиска оцена на влијанието врз животната средина. Комисиите за спроведување на тендерските постапки никогаш не изработувале студии за концесиски проект и не правеле прелиминарна оцена на влијанието врз животната средина, иако тие се законска обврска. За некои од тендерите нема физибилити студија и воопшто нема конечна Одлука за спроведување тендерска постапка. При издавањето на водното аш не е направен преглед на објектите за зафаќање вода, што е исто така законска обврска. Тие не прооизведуваат правно дејство, и според ова зафаќањето на вода за производство на електрична енергија е исто така незаконско“,
се посочува во реакцијата на Еко-свест и Македонското здружение на млади правници.
Според нив, комплетната постапка за изградба на мали хидроцентрали целосно ги занемарува сите законски обврски за заштита на животната средина. Тоа кулминира до издавање на елаборати за малите хидроецентрали без соодветно утврдување на фактичката состојба и влијанието врз животната средина. Ова доведува до катастрофални последици по животната средина и локалното население.
„ Овој проблем дополнително се влошува со тоа што инвеститорите ретко се придржуваат и до најосновните мерки за заштита согласно елаборатите, недостатокот на капацитети на државните инспекторати и несоодветното разграничување на надлежностите на инспекцискиските служби“,
се наведува понатаму.
Бојан Трпевски од Македонското здружение на млади правници дополни дека „неспроведувањето на оцена на влијанието врз животната средина при доделувањето концесии за МХЕ дополнително штети на ефикасно реализирање на начелото на учество на јавноста. На овој начин, на граѓаните не им била дадена можност да ги искажат своите ставови при доделувањето концесии за МХЕ, ниту пак институциите можеле ефикасно да го проценат нивното штетно влијание по околината и заштитните мерки кои инвеститорот требало да ги преземе.“
Од Здружението на млади правници врлат дека, во соработка со Еко свест, и понатаму ќе ги следат ваквите состојби и ќе ги користат сите расположливи правни механизми за заштита на животната средина, но истовремено им нуди на граѓаните и локалните граѓански организации можност за правно советување за овие прашања преку изготвување на правни мислења за конкретна МХЕ.