Се работи за договорите со кои се овозможува движење само со лични карти во шесте земји од Западен Балкан, кои се потписнички на договорите, се признаваат високообразовните квалификации и се признаваат професионалните квалификации на лекари, стоматолози и архитекти
Освен во Северна Македонија, од денеска овие договори ќе се применуваат и во Албанија и во Косово, а наскоро се очекува договорите да почнат да се применуваат и во останатите земји потписнички – Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина
Договорите потпишани во рамките на Берлинскиот процес, со кои на граѓаните им се овозможува движење само со лична карта во земјите од Западен Балкан, признавање на високообразовните квалификации и признавање на професионалните квалификации на лекари, стоматолози и архитекти – од денеска стапуваат во сила во земјава.
Освен во Северна Македонија, од денеска овие договори ќе се применуваат и во Албанија и во Косово, а наскоро се очекува договорите да почнат да се применуваат и во останатите земји потписнички – Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, соопшти македонското Министерство за надворешни работи.
„Секој од овие договори дава специфична можност да им помогне на нашите граѓани да го искористат својот потенцијал, да ги прошират своите искуства и да придонесат за доброто на нашиот регион. Договорите претставуваат значаен чекор напред во нашите напори да им овозможиме на граѓаните слобода на движење и интеграција, како услов за воспоставување на заеднички регионален пазар, што ќе претставува најбезбеден и најбрз пат кон исполнување на нашата заедничка цел – членство во Европската Унија“,
изјави министерот Османи.
Договорите беа потпишани на 3 ноември 2022 година од страна земјите од Западен Балкан – Северна Македонија, Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, во рамките на самитот на Берлинскиот процес.
Договорот за признавање на личните карти ги олеснува условите за патување со поедноставување на административните процедури за влез, транзит и краток престој само со лична карта, обезбедува еднаков третман за сите граѓани од регионот и ги укинува сите постоечки визи во Западен Балкан.
Со договорот за признавање на универзитетските дипломи се воспоставуваат заеднички правила и процедури за признавање на високообразовните квалификации, се овозможува мобилност на студентите и на академскиот кадар на Западен Балкан, се скратува периодот за донесување одлука за признавање на најмногу 14 дена и се укинуваат постојните давачки за студенти за поднесување барања за признавање на високообразовните квалификации. Овој договор се однесува на државните универзитети и постепено ќе се проширува и на приватните.
Договорот за признавање на професионалните квалификации го олеснува движењето на професионалците низ регионот и овозможува обезбедување услуги на лекари, стоматолози и архитекти во Западен Балкан. Овој документ создава и основа за преговори за преостанатите четири регулирани професии, акушерки, медицински сестри, фармацевти и ветеринарни хирурзи, во наредниот период.
Договорите беа одобрени од министрите за надворешни работи на шесторката од Западен Балкан на состанокот организиран од германската влада на 21 октомври, како дел од Берлинскиот процес.