Одлуката на Владата за определување највисоки цени за овие видови овошје и зеленчук ќе трае до 30 април годинава

Од денеска 11 вида овошје и зеленчук се продаваат по замрзната цена откако Владата пред два дена ја донесе оваа одлука за намалување на цените.
Во маркетите и на зелените пазари од денеска доматите треба да се продаваат за најмногу 70 денари. Највисоката цена на свежите краставици ќе биде 75 денари, на кромидот 60, карфиолот 70, пиперките 90 денари. Цената на гравот нема да биде повисока од 75 денари, а на леќата 110 денари. Кај овошјето бананите ќе треба да бидат до цена од 70 денари, мандарините 60, а највисоката цена на портокалите и лимоните ќе биде 55 денари.
Одлуката на Владата за определување највисоки цени за овие видови овошје и зеленчук ќе трае до 30 април годинава.
Одлуката, како што рече министерот за економија Крешник Бектеши, е донесена согласно анализите што ги имаат направено во соработка со Министерството за земјоделство и Царинската управа, а во кои било забележано дека има големи маржи кои во текот на март достигнувале и до 250 отсто.
Министерот ги повика трговците да ја почитуваат Одлуката и тој очекува дека на почетокот на мај, откако ќе почнат да се пласираат домашните производи на овошје и зеленчук, дополнително ќе има зголемување на конкуренцијата која ќе влијае и на намалување на цената.
Според пресметките направени во Министерството за економија, Бектеши рече дека производителите и трговците со новите замрзнати цени нема да имаат загуби.
Ова е петто замрзнување на цените оваа година. Прво беше замрзната цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари. Потоа следуваше замрзнување на цените на млекото и млечните производи, па на оризот и јајцата од кокошка. Пред овошјето и зеленчукот беа замрзнати цените на тоалетната хартија, влажните марамчиња, пелените и хигиенските влошки.