Таравари рече и дека од колегите од странство добиле добри вести оти дел од критичните пациенти денеска се подобрени во однос на вчерашниот ден

Уште осум пациенти од настраданите во пожарот во Кочани, а кои се сместени во болниците во Скопје, денеска ќе бидат пуштени на домашно лекување, најави министерот за здравство Арбен Таравари на прес-конференција по состанокот на Кризниот штаб.
Од пациентите што беа пратени на лекување во странство, денеска ќе се вратат девет и тоа тројца од Унгарија, двајца од Италија и по еден од Грција, Белград и Шведска.
Како што рече Таравари, на клиниките во Скопје ќе останат 14 пациенти, а во странство 91 и додаде дека утре сигурно се враќаат уште двајца пациенти – еден од Литванија и еден од Шведска.
Таравари рече и дека од колегите од странство добиле добри вести оти дел од критичните пациенти денеска се подобрени во однос на вчерашниот ден.
„Одредени лабораториски параметри покажуваат дека веќе денеска има подобрување. Сепак да бидеме претпазливи, се уште тие се критични. Оптимисти сме дека и тие ќе почнат да се подобруваат, барем такви ни се информациите“,
рече Таравари.
Директорот на Токсикологија, Андон Чибишев рече дека пациентите на нивната клиника се оние што во текот на вчерашниот ден се пристигнати од земјите каде што се лекувале.
„Сите се во добра општа здравствена состојба, со стабилни клинички параметри. Денеска се земени дополнителни неколку клинички иследувања што се нормални. Тројца пациенти се со инхалаторни повреди и се стабилни. Другите имаат и инхалаторни и изгореници што се во санација. Сите се видени и од токсиколог, анестезилог и психијатар и денеска сите ќе ги пуштиме на домашно лекување со одредени препораки. Добар дел од нив ќе треба да дојдат на контрола во наредните две недели“,
рече Чибишев.
На новинарско прашање до Таравари и барање да се појасни дали за пациентите во странство лекувањето е платено бидејќи на социјалните мрежи се шират објави во кои најблиските продаваат имот за да може да платат, министерот повтори дека за сите пациенти лекувањето е бесплатно.
„За сите пациенти по двајца членови од семејството е обезбедена авионска карта или ако заминале со друг превоз е платени и плус е обезбедено сместувањето. Од Владата, во понеделникот или вторникот се пуштени средствата на сметките што се дадени. Можеби има случај што нема дадено сметка“,
одговори Таравари.
Прашан што е она што како Кризен штаб воочиле дека треба да се промени во здравствениот систем, Таравари рече дека нема идеален здравствен систем во светот.
„Не постои таков. Ние со сите мани и недостатоци што ги имаме во здравствениот систем мислам дека успеавме релативно добро да ја изменаџираме состојбата и имаме нула мртви на 11 дена по трагедијата“,
рече Таравари.