Градскиот совет на Колумбус утре ќе гласа за нацрт-законот што ќе регулира вакцинираните лица да добиваат по 100 американски долари за да се поттикне масовната имунизација
Жителите на американскиот град Колумбус, во сојузната држава Охајо, наскоро ќе добијат по сто долари за вакцинација, јавија локалните власти.
Градскиот совет на Колумбус утре ќе гласа за нацрт-законот што ќе регулира вакцинираните лица да добиваат по 100 американски долари за да се поттикне масовната имунизација, јави локалниот весник „ The Columbus Dispatch“.
Законот нема да важи за оние кои веќе се вакцинирани.
По 100 долари, или по 50 долари за доза на „Модерна„ или „Фајзер“ ќе можат да добијат околу 2 750 лица, бидејќи фондот за оваа акција е 275 000 американски долари.
„Оние што ќе се вакцинираат со ‘Џонсон и Џонсон’, која се дава во единечна доза, ќе добијат еднократна сума од 100 американски долари“,
изјави за весникот привремената претседателка на Градскиот совет, Елизабет Браун.
Жителите ќе можат да се регистрираат на веб-страницата на програмата кога законот ќе добие зелено светло. Досега се вакцинирани 43 проценти од граѓаните на Колумбус, но некои од најсиромашните населби во градот имаат само 25 проценти имунизација.
Како поттик за имунизација против коронавирус, сојузната американска држава Вашингтон ќе им обезбеди на возрасните граѓани бесплатен џоинт марихуана кога ќе примат вакцина.
Поттикнувањето на имунизацијата со награди не е нешто ново во светот. Хонгконг на пример објави лотарија на која ќе се доделуваат награди во вкупна вредност од 100 000 американски долари, како при-пејд или кредитни картички, додека главната награда ќе биде стан од 40 квадрати метри. Услов е учесниците да ги имаат примено и двете дози на вакцината.