Како што информираат од Националниот парк на својот фејсбук-профил, влез ќе треба да платат сите посетители што влегуваат со моторни возила по дозволените патишта низ паркот, освен жителите на селата, сопствениците на приватни имоти и правни лица регистрирани на територијата на паркот
Од 2 мај 2025 година, Јавната установа Национален парк „Шар Планина“ започнува со систем за наплата на влез на моторни возила на територијата на паркот, преку праќање на СМС-порака или скенирање на кју-ар код.
Како што информираат од националниот парк на својот Фејсбук профил, влез ќе треба да платат сите посетители што влегуваат со моторни возила по дозволените патишта низ паркот, освен жителите на селата, сопствениците на приватни имоти и правни лица регистрирани на територијата на паркот.
„Со праќање на СМС-порака за влез на моторното возило, Вие директно придонесувате кон заштитата на природата на Шар Планина и помагате во зачувувањето на ова уникатно природно богатство за идните генерации. Стратегиските заложби на ЈУ Национален парк ‘Шар Планина’ се насочени кон тоа на посетителите кои не оставаат еколошки отпечаток да не им се наплатува влез во Националниот парк“,
се вели во денешното соопштение на НП „Шар Планина“.
Граѓаните може да платат со праќање на порака (СМС) од нивниот телефон со категорија на возилото и број на регистрација на телефонскиот број 144 – 555 или да скенираат кју-ар код, да изберат категорија на возило и да внесат податоци. За мотоцикли и автомобили надоместокот изнесува 150 денари, додека 250 денари ќе се плаќа за комбе и минибус до 20 седишта. Автобусите и тешките товарни возила ќе треба да плаќаат по 450 денари.
