На прашањето зошто платежната картичка која Владата како помош ќе ја дели за студентите не важи и за оние што студираат на приватните универзитети, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на денешната прес-конференција рече дека верува оти уредбата ќе биде дополнета и ќе важи за сите.
„Вчера беше и јавно забележано. Во последните материјали што ги читав како документи кои што отидоа и на нашите економски совети, формулациите во самата уредба гарантираа дека се предвидени и приватните универзитети, веројатно со самата формулација тоа не е овозможено. Јас верувам дека ќе се направи поправка затоа што треба да ги помогнеме сите студенти кои што студираат во државата“,
рече Заев.
Заев додаде дека лично смета оти мерката не треба да се прошири и на студентите кои студираат надвор од државата.
„Некои од нив се веќе стипендирани од државата, некои од земјите пријатели врз основа на билатералните договори во областа на образованието, но и заради тоа што дел од тие студенти се од побогати семејства и не спаѓаат под просекот за мерката“,
рече Заев.
