Кога ќе биде физички возможно, од Првото основно јавно обвинителство во Белград велат дека ќе биде наредено да се извршат потребните вештачења за да се утврди стабилноста на пристапниот мост и комплетната платформа
По потонувањето на сплавот „Картел“ на реката Сава во Белград и настаните кои му претходеле на инцидентот, денеска се огласи Првото основно јавно обвинителство во Белград. Оттаму, како што пренесуваат српските медиуми, издале наредби до полицијата и другите надлежни институции да ги преземат сите мерки за прибирање на информации и докази во врска со случајот.

„Обвинителството по сознанието за настаните на споменатиот сплав даде наредба до надлежната полициска управа да ги преземе сите мерки од нивна надлежност, вклучително и прибирање на сите потребни информации од граѓаните кои се наоѓале на споменатиот сплав, како и прибирање на сите материјални докази коишто може да бидат од корист за расветлување на причината за потонувањето на сплавот, како и расветлување на настанот што му претходел и утврдување кривична одговорност“,
се наведува во соопштението од обвинителството, пренесува Нова.рс.
Кога ќе биде физички возможно, се додава во него, ќе биде наредено да се извршат потребните вештачења за да се утврди стабилноста на пристапниот мост и комплетната платформа.
Дополнително, велат од обвинителството, дадена е наредба до надлежните инспекции да утврдат дали сплавот „Картел“ ги поседувал сите потребни дозволи и дали бројот на лица кои биле на сплавот е во согласност со прописите.
Наредено е и да се утврди индетитетот на лицата кои учестувале во тепачката која му претходела на потонувањето на сплавот.
„Сето наведено е наредено со цел да се утврди постоење на кривично дело и одговорност на лицата кои во моментот на несреќата биле сопственици или станари на објектот. Наредено е да се утврди идентитетот на лицата за кои постои сомневање дека учествувале во тепачката што се случила непосредно пред да потоне сплавот, како и да се добијат сите видео снимки од локални објекти. После тоа, Првото основно јавно обвинителство ќе донесе конечна одлука против кого и за кое кривично дело Министерството за внатрешни работи ќе поднесе кривична пријава, а дежурниот јавен обвинител ќе продолжи во соработка со надлежната полициска управа да ги презема сите натамошни потребни доказни дејствија“,
се наведува во соопштението.
Сплавот „Картел“ на кејот на реката Сава во Белград почнал да тоне ноќеска додека на него се наоѓале голем број млади луѓе, претежно средношколци.
Младо момче кое било меѓу гостите, во сведоштво за „Телграф.рс“ рече дека пред сплавот да почне да се навалува и да тоне во реката, во него имало тепачка. Гости биле исфрлени од обезбедувањето, настанала расправија и физичка пресметка, по што на мостот, кој го спојува сплавот со брегот, дошло до метеж и сплавот почнал да тоне.
Во тој момент гостите почнале панично да го напуштаат клубот, а драматичните снимки на социјалните мрежи покажуваат како дел од нив во паника скокаат во реката и панично пливаат до брегот.
Од објектот, како што пренесоа денеска српските медиуми, над површината на водата останал да се гледа само кровот.
По инцидентот, како што претходно денеска пренесе РТС, од сплавот биле евакуирани 30 луѓе, но, како што подоцна соопшти началникот на Секторот за вонредни состојби евакуирани се вкупно 114 лица. Екипите на белградската Итна помош згрижиле 10 малолетници, додека двајца поради алкохолизирана состојба биле пренесени на Воено-медицинската академија (ВМА).
Во акцијата за спасување учествувала речната полиција, жандармеријата, како и 25 припадници на противпожарната и спасувачката единица. Во инцидентот нема повредени.
