Сплавот „Картел“ на кејот на реката Сава во Белград почнал да тоне ноќеска триесетина минути по полноќ додека на него се наоѓале голем број млади луѓе, претежно средношколци
„Бевме 15-ина пријатели. Бидејќи јас прв излегов, гледав што се случува, а кога почна да тоне, им се јавив на телефон, но сите беа недостапни. Бев навистина исплашен, мислев дека нема да излезат живи. Сепак, сè заврши добро“, раскажува момчето за Телеграф.рс
Млади гости, очевидци на инцидентот во кој потона познатиот сплав „Картел“ во Белград сведочат за настаните што претходеле на тонењето на објектот во реката Сава.

Велат дека пред сплавот да почне да се навалува и да тоне во реката, во него имало тепачка. Гости биле исфрлени од обезбедувањето, настанала расправија и физичка пресметка, по што на мостот, кој го спојува сплавот со брегот, дошло до метеж и сплавот почнал да тоне, пишуваат српските медиуми.
Во тој момент гостите почнале панично да го напуштаат клубот, а драматичните снимки на социјалните мрежи покажуваат како дел од нив во паника скокаат во реката и панично пливаат до брегот.
„Забавата требаше да трае до два часот, нè избркаа околу еден часот. Јас бев првиот кого исфрлија од сплавот. Обезбедувањето не сакаше да ми каже зошто нè бркаат. Избркале уште десетина луѓе, а потоа почнала расправија, тепачка, конфликт со обезбедувањето. Потоа сите одеднаш почнаа да излегуваат од сплавот. Кога сите почнаа да се туркаат, сплавот почна да тоне, а мостот да пука. Сите почнаа да врескаат и да пливаат. Беше навистина морничаво“,
вели сведокот за Телеграф.рс.
Тој вели дека се загрижил за своите другари кои биле недостапни на мобилните телефони во моментот кога сплавот потонал.
„Бевме 15-ина пријатели. Бидејќи јас прв излегов, гледав што се случува, а кога почна да тоне, им се јавив на телефон, но сите беа недостапни. Бев навистина исплашен, мислев дека нема да излезат живи. Сепак, сè заврши добро“,
додава момчето.
Сплавот „Картел“ на кејот на реката Сава во Белград почнал да тоне ноќеска додека на него се наоѓале голем број млади луѓе, претежно средношколци.
Од објектот, како што пренесуваат денеска дел од српските медиуми, над површината на водата останал да се гледа само кровот.
Според извештајот на РТС, по инцидентот од сплавот биле евакуирани 30 луѓе. Екипите на белградската Итна помош згрижиле 10 малолетници, додека двајца поради алкохолизирана состојба биле пренесени на Воено-медицинската академија (ВМА).
Како што пренесува српскиот јавен сервис, сите расположиви единици на Одделението за вонредни состојби учествувале во спасувањето на младите лица кои се нашле на сплавот „Картел“, кој почнал да тоне синоќа околу половина час по полноќ.
Сите 30 лица кои се нашле на „Картел“ биле евакуирани на соседниот сплав, а во акцијата за спасување учествувала речната полиција, жандармеријата, како и 25 припадници на противпожарната и спасувачката единица.
Во инцидентот нема повредени.
„Нашите екипи згрижија околу 30 млади луѓе кои беа на сплавот. Тие не беа повредени, но мораа да пливаат во ладна вода и доживеаја голем стрес“,
велат од белградската Итна помош, пренесува Н1.
Според дежурниот лекар, голем број од младите луѓе биле во алкохолизирана состојба.
На десетина од нив им била дадена помош на Одделот за токсикологија во Воено-медицинската академија, а двајца 17-годишнците биле примени во Ургентниот центар на ВМА, јавува Н1.
Засега сè уште официјално не се познати причините за потонувањето на сплавот.